Три предвремено родени бебиња си заминаа дома од ГАК: „Севда, Алиња и Мира се храбри девојчиња“
- Детали
- среда, 24 јануари 2024
Севда се роди со 750 грама, Алиња со 1.100, а Мира со 1.330 грама, а трите девојчиња си заминаа дома со родителите како здрави бебиња, по повеќе од 40 дена поминати на ГАК.
Три предвреме родени девојчиња, Севда, Алиња и Мира, по повеќе од 40 дена поминати во Клиниката за гинекологија и акушерство, конечно си заминаа дома со своите родители.
Овие три мали борци се уште една причина што вработените на Клиниката им се толку многу посветени на сите бебиња и им даваат сила за да го издржат секој следен ден.
Од ГАК ги испратија со емотивна порака, а фотографиите ги објавија на Фејсбук.
„Деновиве уште три наши мали, предвремено родени бебиња, но големи борци, си заминаа од одделението за интензивна нега и терапија.
Мира Мустафа е родена во 29 гестациска недела со тежина од 1.330 грама. Дома во прегратките на мама и на тато ја испративме по 43 дена со тежина од 1.870 грама.
Алиња Алили, родена во 27 гестациска недела со тежина од само 1.100 грама, замина од ОИНТ по 53 дена со тежина од 1900 грама.
Најдолго нè дружеше нашата Севда Мустафовска, која е родена во 25 гестациска недела со тежина од само 750 грама, се бореше заедно со тимот медицински сестри, акушерки и лекари цели 96 дена и достигна 1.810 грама за да може да замине како здраво бебе кај своето семејство.
Клиниката за гинекологија и акушерство и тимот од интензивна нега и терапија им благодари на овие храбри бебиња затоа што секојдневно ни покажуваа колку е вреден животот и ни даваат сила да го издржиме секој нов ден.
Ви посакуваме среќно и спокојно детство, многу успеси, а на вашите семејства насмевката никогаш да не им се симне од лицата“.
https://www.facebook.com/jzuugak/posts/pfbid0LE7P9EWpzMXKYCZwQySfbEUbk4Kf4D6E39CC3JXkPEtdn3jJHKKUgj26UqWoHp4Ql
А. Ј. | Црнобело