Младите подаваат рака - хумани гестови на „Каревци“ кои топлат срца во ладната зима
- Детали
- понеделник, 04 ноември 2019
Се чини дека толку многу лоши работи секојдневно се случуваат во светот, што лесно се забораваат оние неверојатните, кои сѐ уште постојат и ни ја враќаат надежта за оваа наша планета.
Нашите деца. Во нив е иднината.
Еден од најубавите докази за детската совесност, човечност и емпатија се учениците од СУГС „Никола Карев“.
Станува збор за еден од поголемите мега проекти по граѓанска култура, односно таканаречената каревска „ДАВАЛНА“. Проект кој прв пат започна уште во октомври 2018 година.
Учениците имале задача на почетокот да соберат што повеќе сочувана облека, играчки, да изработат честитки како и имиња од стиропор.
Во текот на активноста, учениците излегле со предлог дека би било убаво, доколку би било изводливо да се најде една куќичка на предновогодишниот базар, која ќе им послужи за спроведувањето на нивните хумани активности.
Со помош на Градот Скопје, овој предлог се реализираше минатата година.
Учениците ја спроведоа нивната идеја да ги изложат собраните предмети и да им ги понудат на сите оние на кои им се најпотребни.
Лани, на 7 декември, тие заедно со нивниот ментор, професорката по граѓанска култура Валентина Панџарова, излегоа на предновогодишниот базар и веднаш предизвикаа огромен интерес.
Навистина, не е вообичаено во нашата средина некој да дава, а за возврат да не очекува ништо.
Целта која со сигурност ја постигнаа, беше да ги промовираат хуманите вредности на давање на оние на кои им е повеќе од потребно.
Учениците од „Никола Карев“ нудеа бесплатни топли чајчиња, сендвичи, колачиња, кои ги изработуваат нивните родители, што би значело одобрување и помош од средината.
Иако било предвидено учениците на плоштадот да останат три дена, нивниот ентузијазам ги задржал многу подолго од очекуваното.
Тие станале препознатливи и за граѓаните кои сакаат да донираат и за оние на кои им е потребна рака за помош.
Извонредната „ДАВАЛНА“ предизвика интерес и кај медиумите, бидејки се смета за единствен проект од ваков вид во Скопје.
Оваа година, односно со доаѓањето на оваа зима „Каревци“ не застануваат. Во соработка со својата менторка без која велат дека не би можеле, тие се стремат кон нова хумана акција.
Станува збор за мотото „Јадевте ли денес?“.
Со мало пакетче кое ќе сочинува топол оброк и облека, тие повторно ќе ги греат срцата на оние најкревките.
Умните и хумани глави продолжуваат да целат кон своите сништа, да помагаат на оние на коишто им е најпотребно и да ни ја враќаат надежта дека сепак сме нација која има со што да се гордее.
Мила М. | Црнобело