Охридска банка го доби победникот на конкурсот за млади сликари и новиот член на клубот на таленти
- Детали
- петок, 27 септември 2019
Младата сликарка Дефне Еминовска стана нов член на Клубот на таленти на Охридска банка Сосиете Женерал откако беше прогласена за победник на годинешниот Конкурс за млади сликари на Банката. Еминовска доби парична награда од Охридска банка во износ од 60.000 денари.
Охридска банка одржа аукција за своите клиенти на 26 септември, 2019 год., на којашто го одлучи победникот на конкурсот. На аукцијата, Банката понуди дванаесет слики насликани од младите сликари – финалисти на конкурсот, а победникот беше одлучен по вкрстување на податоците за број на поени добиени од стручната жири комисија составена од академик Васко Ташковски и академскиот сликар Славе Упевче со највисоката постигната цена за една слика.
На одржаната аукција, Охридска банка ги изложи сликите на финалистите кои беа продадени во севкупна вредност од 330.000,00 денари. Овие пари, Банката ќе ги донира за потребите на Факултетот за ликовна уметност од Скопје. Деканот на Факултетот, Благоја Маневски, изрази голема благодарност до Банката и посочи дека ова е навистина добредојдена поддршка и поттик за сите млади уметници, а особено и за Факултетот каде што тие го развиваат својот талент.
„Ја создадовме платформата ОБСГ Клуб на таленти со цел под една капа да ги ставиме сите наши заложби на отворено делување кон заедницата. Постојано сме во потрага по нови дестинации каде што можеме да помогнеме. Оваа година во рамки на Клубот на Таленти отворивме Конкурс за млади сликари со цел да ѝ дадеме ветер во крила на уметноста во земјата. Сакавме да ги мотивираме младите таленти да творат, да се посветат на трајните вредности, да создаваат и да учат од најдобрите. Во соработка со Меѓународната вевчанска колонија „Вевчански видувања“, овозможивме 12 млади сликари да бидат дел од колонијата и да создадат дела на кои ќе бидеме горди. И не само тоа, благодарение на тие 12 млади уметници, со овој настан сите заедно се вложивме во подобрување на условите за развој на уметноста во земјата и создавање на подобри услови за градење на млад талентиран кадар.“ изјави Нина Неданоска, Член на управен одбор на Охридска банка АД Скопје.
Финалистите од Конкурсот за млади сликари, под покровителство на Охридска банка, учествуваа на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански Видувања“ која ова лето се одржи по јубилеен 10ти пат. На аукцијата, Охридска банка додели признание за успешна соработка на Ѓорѓи Угриновски, покровител на ликовната колонија. На колонијата, финалистите подготвија дванаесет дела со кои решија да се претстават на финалната аукција за клиентите на Банката. Сите слики беа насликани во акрилна техника.
Конкурсот за млади сликари е втор конкурс во рамките на Клубот на таленти на Охридска банка. Минатата година, Банката го отвори првиот конкурс за млади инструменталисти, „Имаш ли жичка за музика“, преку којшто додели годишни стипендии на пијанистот Арда Мустафаоглу и виолинистката Наоми Георгиевска. Прв член на Клубот на таленти на Банката е Марко Пејчиновски, детето кое на дванаесет години го преплива Охридското Езеро.