Универзитетот Шефилд ќе одржи отворен ден за бесплатни семинари во Скопје
- Детали
- четврток, 16 мај 2019
Како дел од својата програма за општествена одговорност и придонес во едукацијата во регионите каде што делува, Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд ќе одржи отворен ден со бесплатни семинари од три различни области. Отворениот ден ќе се одржи на 30 мај, четврток, во хотелот Скопје Мериот, а сите заинтересирани учесници ќе можат да се пријават за бесплатните семинари преку онлајн апликација.
Тројца врвни предавачи, академици и практичари ќе ги одржат семинарите на отворениот ден, коишто ќе бидат од областа на Бизнис администрација и економија, Психологија и Компјутерски науки.
Првиот семинар, чиј говорник ќе биде г-дин Крис Лиасидис, професор од одделот за Бизнис администрација и економија, се однесува на апликација на принципот на Gamification – поентирање, креирање натпреварувачка средина и поставување правила на играта, односно работата во одредена организација. Во второто предавање, д-р Василеос Шацимпирос, професор од одделот за Психологија при Факултетот, ќе се осврне на меѓучовечките односи, чувството на припадност и интимните односи и колку тие се важни за нашето ментално и физичко здравје. Отворениот ден продолжува со предавањето на г-дин Танос Хаџиапостолу, предавач на одделот за Компјутерски науки, на темата Креативност и информатичка технологија: тајните за иновации.
Отворените семинари и презентации на одредени теми од еминентни експерти од академската и деловната јавност се повеќе се користат во напредните корпоративни средини како начин и средство за унапредување и надградување на менаџерските вештини, знаењата или како чекор напред од неформално образование кон следни академски нивоа.
Универзитетот Шефилд е рангиран меѓу првите 100 универзитети ширум светот (22 во Европа, 75 во светот - според рангирањето QS за 2019 година). Постојат 6 академски факултети, пет во Велика Британија и Меѓународниот факултет СИТИ Колеџ во Солун, Грција. СИТИ Колеџ спроведува програми на Универзитетот Шефилд во Грција и на други локации низ регионот на Југоисточна Европа и Кавказ речиси три децении, давајќи им можност на студентите и професионалците да студираат и стекнат дипломи од врвниот британски универзитет.
Сите заинтересирани учесници ќе може да се пријават за бесплатно учество на еден од трите семинари од интерес преку онлајн апликацијата достапна на следниот линк. Дополнително, сите идни студенти кои се заинтересирани за некоја од академските програми на Факултетот, на отворениот ден ќе имаат можност да се сретнат со универзитетскиот претставник и да ги добијат сите потребни информации.