Д-р Беќаровски апелира: „Змиско грозје не е чудотворен лек за рак – сите делови од растението се отровни“
- Детали
- среда, 24 јули 2024
„При внес на само 3-4 бобинки од змиското грозје се јавува изразито жарење, болки во стомакот, алергиски манифестации“ – вели во својата објава на Фејсбук проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската Клиника за токсикологија во Скопје.
Во голем број објави на социјалните мрежи често се споделуваат рецепти за чудотворни лекови против рак, коишто луѓето кога се на мака, без размислување се подготвени да ги пробаат, сметајќи дека кога веќе се болни, нема што да загубат.
Како чест лек се спомнува растението козлец или познато и како змиско грозје, кој многу често се промовира како „чудотворен лек“ против рак, кој со сигурност ги уништува малигните клетки.
По тој повод, на својот Фејсбук профил се огласи и нашиот истакнат лекар и универзитетски професор д-р Нико Беќаровски кој апелираше до јавноста да ги разгледа прво медицинските факти, пред да почне да консумира алтернативни лекови на своја рака.
Неговата објава Ви ја пренесуваме во целост:
„ARUM MACULATUM (Козлец)
(Змиско грозје)
Овие два дена ФБ е преплавен со чудотворниот лек за рак, произведен од коренот на ова растение.
МЕДИЦИНСКИТЕ ФАКТИ СЕ СЛЕДНИВЕ:
Сите делови на ова растение, вклучувајќи го и коренот се ОТРОВНИ поради високото ниво на ОКСАЛАТИ.
Отровот триглохинин е цијаниден гликозид кој го содржи ова растение.
Најотровен дел на растението е плодот.
При долготрајна термичка обработка, најголем дел од отровот се уништува, но сепак не се елиминира комплетно.
При внес на само 3-4 бобинки се јавува изразито жарење, болки во стомакот, алергиски манифестации, проливи...“
Тој во коментарите овие свои тврдења ги поткрепува и со повеќе медицински студии.
Неговата објава наиде на голем број позитивни коментари, а неговите следбеници му се заблагодаруваат за предупредувањето затоа што, како што велат: „кога човек е на мака, тогаш е подготвен да проба сè“.
Инаку, змиското грозје е шумско цветно растение кое најчесто расте во пределите каде што има сенка.
Се смета дека е отровно за поголем број животински видови и за човекот, но не и за птиците, кои го размножуваат.
Б. С. Б. | Црнобело