Форплеј Кафе е првата bike-sharing станица во Дебар Маало
- Детали
- четврток, 14 јуни 2018
Здружени млади ентузијасти и точакољупци, кои стојат зад најголемата интернет продавница за велосипеди и велосипедска опрема www.velosipedi.mk и дечките од колективот Форплеј Кафе од Дебар Маало, започнаа bike-sharing иницијатива за поубаво и позелено Скопје.
За почеток, деновиве, поставена е велосипедска станица со 10 велосипеди пред кафулето Форплеј во Дебар Маало, што ќе им бидат достапни на урбаните рекреативци и турсити во градот, за изнајмување.
Велосипедите ќе се изнајмуваат со документ за лична идентификација, а плаќањето на симболичната цена ќе се врши со електронска платежна картичка.
Велосипедите имаат препознатлив и урбан изглед, а се дизајнирани и адаптирани за градска употреба.
Идејата е едноставна! Што повеќе велосипеди на улиците, што повеќе велосипедисти, здрави навики, намален сообраќаен метеж и најважното од сé- намалена емисија на штетни гасови во нашиот град кој со години се гуши.
Дополнително идејата е одлична, затоа што отвара низа можности за луѓето кои циркулираат низ Дебар Маало. Велосипед ќе може да изнајмат за да се прошетаат на пауза до Градски Парк и на Кеј, да завршат некоја работа во банка без да мора да користат автомобил, да се сретнат со пријатели на пауза за ручек или едноставно им недостига велосипед во животот и моментот.
Зад максимата ’Форплеј за зелено Скопје’, дечките од овој локал со години се активни поддржувачи и добронамерни активисти за позитивините промени во Скопје и Дебар Маало, во насока на зголемување на велокултурата и сообраќајот на педали.
Јавно поддржувајќи ја граѓанската платформа НаТочак, Форплеј кафе беше меѓу првите локали во Скопје што самоиницијативно објави попуст за сите оние кои на кафе ќе пристигнат со велосипед, притоа уредувајќи соодветен велосипедски простор и паркиралишта.