25 години УСАИД - Успешни проекти за меѓуетничка интеграција на младите и градење соживот за сите
- Детали
- петок, 23 март 2018
УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, здруженија и организации, во изминатите 25 години работи за подобрување на квалитетот на живот во земјата. Во рамките на активностите за поддршка и унапредување на квалитетот во образованието, интеграција на маргинализираните категории на граѓани како и унапредување на меѓуетничкото разбирање, УСАИД во соработка со локалните партнери, невладиниот сектор и државните институции, веќе четвртина век јасно ја потврдува својата посветеност во градењето на вистинско пријателство со македонските граѓани.
За да помогне во јакнењето и унапредувањето на меѓуетничката соработка и разбирање, како и за промовирањето на позитивни практики за надминување на различни културни бариери, од 1998 година, УСАИД поддржа проекти кои се насочени кон подобрување на соживотот, меѓукултурното разбирање и кохезија во општеството. Од тие причини беше создадена и првата детска ТВ серија со мултиетнички карактер „Наше маало”, која имаше за цел да поттикне меѓусебно почитување и разбирање меѓу младите од различни културни средини. Позитивните резултати и влијанието на оваа серија за прифаќањето на културните разлики и градењето на соживот се зборува и денес.
Во периодот од 2011 до 2016 година, УСАИД го имплементираше Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието. Целта на овој проект беше да го унапреди меѓуетничкото разбирање и соработка помеѓу учениците од сите училишта во земјата. Во рамките на овој проект, повеќе од 60.000 ученици од различни етнички заедници имаа можност да се сретнат и да соработуваат во реализација на различни активности. За повеќето од нив ова претставуваше прва таква можност. Преку овој проект беа обучени околу 20.000 наставници за спроведување на ваков вид активности со учениците. Сите реализирани активности суштествено помогнаа во градењето на капацитетите на образовните институции и општините и подигањето на свесноста на родителите, но и на пошироката јавност за начините за надминување на разликите и решавање на мултиетничките прашања во заедниците.
Резултатите и успехот на овој проект водеа кон започнување на нова програма за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, кој ќе се спроведува до 2021 година. Овој проект има за цел да ја подобри кохезијата меѓу етнички мешаната младина во училиштата, преку позитивни примери за нивна соработка. На младите ќе им се обезбеди поддршка за нивно вклучување во носењето одлуки во нивните училишта и заедници, како и за учество во активности кои ќе донесат позитивни промени во нивното опкружување. Водени од мотото „Утрешнината зависи од тоа што го правиме денес“, тимот на проектот ќе работи заедно со училиштата и сите образовни институции за да обезбедат услови за младите за да прифатат позитивни општествени вредности и да ги практикуваат во иднина.
Со слична цел, минатата година, започна и четиригодишниот Проект на УСАИД за унапредување на социјалната кохезија. Овој проект работи со деца во јавните детски градинки и основните училишта во десет етнички мешани општини. Преку спроведување на моделот за меѓукултурно интегрирано образование во градинките „Мозаик”, обука на педагошкиот кадар во предучилишните и училишни установи, како и зајакнување на капацитетите на надлежните институции во образовниот систем, како што се Државниот образовен инспекторат и Бирото за развој на образованието, проектот се стреми кон подобрување на односите и меѓусебната доверба помеѓу децата од различни етнички, верски и социјални средини од најрана возраст. Покрај ова, проектот вклучува и мултикултурна едукација на студентите на педагошките факултети кои во иднина ќе станат дел од наставниот кадар во образовните институции во земјата. Покрај градењето на институционалните капацитети, проектот работи и на зајакнување на довербата и соработката во мултиетничките средини преку организирање на работилници за родители, како и спортски активности со ученици од основните училишта.
Имајќи го предвид влијанието на телевизијата како медиум кој најмногу допира до децата, во рамките на проектот ќе се реализира и иновативна детска серија од 24 епизоди. Целта на серијата е да укаже на значењето и позитивната улогата која можат да ја имаат младите од различни етнички, религиозни и социјални средини кога заеднички решаваат различни предизвици во своите заедници. Во серијата ќе учествуваат млади на возраст од 13 до 18 години од различни етнички, религиозни и социјални средини, како и деца кои припаѓаат на ранливи категории на лица.
Очекувањата од овој проект, како и резултатите од претходните иницијативи на УСАИД за градење подобар соживот, е да се зголеми довербата и соработката помеѓу децата и родителите во мултиетничките општини, но и да се подигне јавната свест за позитивните страни и значењето на мултикултурната и меѓуетничката кохезија во државата, за што најголема одговорност имаат сите граѓани на Република Македонија.
Затоа се вистинските пријатели!