Средношколци од Македонија на трето место во Централна и Источна Европа по општо знаење
- Детали
- петок, 16 февруари 2018
Средношколци од меѓународното училиште „Нова“ во Скопје изминатиот викенд учествуваа на натпреварот по општо знаење CEESA Knowledge Bowl кој се одржа во Белград, Србија и го освоија третото место. Тие се изборија за бронзениот медал во конкуренција од 16 тима од различни земји во Централна и Источна Европа.
Станува збор за турнир каде од исклучително значење е брзината, а учесниците одговараат на случајно избрани прашања од различни полиња како природни науки, историја, географија, уметност, лингвистика итн. Покрај од Македонија учествуваа и средношколци од Русија, Хрватска, Полска, Бугарија итн.
CEESA Knowledge Bowl се одржува секоја година во различни градови, а во него земаат учество образовни институции од Централна и Источна Европа.
- Презадоволни сме и од пласманот и од уделот на секој ученик во натпреварот. Го дадовме својот максимум и успеавме да победиме тимови кои важеа за фаворити на Knowledge Bowl. Секоја година испраќаме наша екипа на овој натпревар и почнувајќи од 2015 година учениците се враќаат закитени со медал. Тоа е најголемото задоволство за секоја институција која е фокусирана на раст и развој на секој свој ученик со цел да го постигне својот максимален потенцијал – велат од Меѓународното училиште „Нова“.
Knowledge Bowl во 2016 година се одржа во Скопје, а домаќин беше „Нова“. Тогаш двата македонски тима се пласираа на првото и второто место.
Натпреварот е дел од активностите во рамките на Асоцијацијата на образовни институции од Централна и Источна Европа (CEESA) во која членува и „Нова“.