„И те нема и секаде те има“ - Ана Костадиновска, придружниот вокал на ДНК, со сеќавања за колегите 40 дена по загубата
- Детали
- петок, 25 април 2025
„40 дена тага, болка, празнина... И те нема и секаде те има, неизбежно те има... во себеси те носам“ – Ана, придружниот вокал на ДНК, која заедно со Сара беа неразделни две децении и настапуваа на голем број концерти заедно, објави фото-спомени со колегите кои повеќе ги нема.
Ана Костадиновска е вториот придружен вокал на ДНК, покрај Сара Пројковска, која трагично го изгуби животот во пожарот во Кочани, заедно со поголемиот број членови од бендот.
Mеѓу жртвиве, беа Андреј Ѓорѓиески од ДНК, но и пратечкиот вокал на бендот, Сара Пројковска, музичарот Мартин Бит Бокс, и музичарите од бендот Ѓорѓи Горѓиев кој свиреше на тапани, клавијатуристот Филип Стевановски и гитаристот Андреј Коларов, фотографот Александар Ефремов, кој ги следеше секаде и уште многу други млади деца, кои вечерта биле гости во клубот.
Ана и Сара беа неразделно дуо цели две децении и заедно пееја придружни вокали на огромен број македонски пејачи, на настапи и концерти, а како што велат колегите - без нив две и нивниот неверојатен талент и глас, ниту една песна не би звучела онака како што звучи.
На 24.04.2025 се навршија 40 дена од смртта на 59-те жртви на пожарот во Кочани, кои животот го изгубија кобната вечер на 16-ти март.
На својот Инстаграм профил, Ана сподели серија фотографии кои засекогаш ќе останат спомен за нивните заеднички дружења и професионални ангажмани, со Сара, но и со целиот бенд ДНК.
„40 дена тага, болка, празнина... И те нема и секаде те има, неизбежно те има... во себеси те носам“ – напиша таа во двете објави и остави скршено срце покрај стиховите од песната „Кога те нема“.
Освен Ана, на 40-те дена, и останатите музичари од естрадата се потсетија повторно на загинатите колеги.
Антониа Гиговска објави видео на кое пее со Ана и Сара и напиша: „А најсигурна бев со нив две на сцена... Саре, моја дадичка, многу фалиш“.
Теа Трајковска пак, се потсети на спомени од патувања и заеднички излегувања и свирки со дел од членовите на ДНК и напиша: „Сеќавањата се засекогаш“.
Уште неколку фотографии кои Ана ги објави како спомен за времиња и моменти кои никогаш нема да се повторат:
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





