Сведоштво на Борче, кој се спасил од пожарот во Кочани: „Се онесвестив, но некако се разбудив, имаше многу заглавени луѓе“
- Детали
- петок, 28 март 2025
„Ја држев сопругата за рака, но настана стампедо, а јас се онесвестив од јаглеродниот моноксид. Некако се разбудив и успеав да излезам, па почнавме да извлекуваме други. Многу беа заглавени, пружаа рака, некој можеше да се извлече, некој не...“ – вели Борче, кој е еден од првите кој на социјалните мрежи повикувал помош уште истата вечер за време на пожарот.
Борче Јованчевски е еден од оние кои успеале да се спасат од пожарот во Кочани и се вратил за да помогне да извлече колку што може повеќе од заглавените луѓе.
Тој го пренесе своето сведоштво од кобната вечер во видео снимено во просториите каде се работи на supportkocani.com, платформата која ја направија група млади луѓе за директни донации на семејствата на настраданите и повредените.
Борче е уште еден од многуте херои кои таа вечер се жртвуваа за да помогнат на што повеќе луѓе да се спасат, а тој е и меѓу првите кој повикувал помош преку социјалните мрежи, за што поголем број да се алармираат и да помогнат.
На официјалната Фејсбук страница на платформата supportkocani.com, објавија видео во кое Борче раскажува како успеал да се спаси и покрај тоа што првично се онесвестил и бил заглавен.
„На посета во SupportKocani ни бешe Борче Јованчевски @bokilunata - еден од првите кој алармираше за пожарот во Кочани и објави апел за помош на социјалните мрежи, помагајќи поголем број кочанчани да излезат и да помагаат во несреќата.
Боки несебично се има враќано внатре во дискотеката и има помагано и спасувано заедно со останатите. Му благодариме од срце за неговата пожртвуваност, хуманост и несебичност“ - стои во описот на нивната објава.
Неговото сведоштво гласи:
„Пејачите рекоа 'сите надвор, сите надвор, ќе се вратиме'. Тргнавме полека да излегуваме надвор, но наеднаш настана стампедо и хаос.
Јас ја држев сопругата за рака и наеднаш од јаглеродниот моноксид се онесвестив, но Бог ми даде некоја сила, не знам како да опишам.
Се разбудив, видов дека не ја држам веќе за рака. Пробав да излезам, но никако не успеав, бевме заглавени. Бог ми даде сила, се искачив, почнав да гребам и паднав долу пред скалите.
Првото нешто што го направив, истурив вода на лицето и почнавме одма да ги извлекуваме луѓето. Многу од нив беа заглавени, сите пружаа рака, некој можеше да се извлече, а некој не.
Морам да потенцирам дека до мене беше обезбедувањето, беше многу силен и можеше да извлече повеќе луѓе, па ги подававме сите нанадвор.
После 10 минути дојде дедо ми, со него заедно почнавме да ги вадиме луѓето од дискотеката.
Имаше запалено од едната страна бела даска која гореше, заедно ја кренавме даската и ја фрливме и дедо ми се повлече на страна“.
M. M. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





