Нашиот Златко Јовановски имаше 2 ревии на Модната недела во Париз: „Носев круна и наметка, сепак сум кралот на светкавото“
- Детали
- вторник, 01 октомври 2024
„Костумот што го носев на дефилето, беше везен со 99 огледала. Носев и кралска наметка од црвено кадифе, а јас не би бил јас ако излезам без круна на главата“, вели за CRNOBELO.com дизајнерот Златко Јовановски, кој имаше ревија на Модната недела во Париз.
Нашиот моден креатор Златко Јовановски си исполни уште еден сон - ја презентираше најновата колекција фустани на Модната недела во Париз.
Тој имаше две ревии на кои ја претстави најновата колекција „Нарцис“ и привлече огромно внимание - не само со светкавите креации, туку и со својот впечатлив изглед.
Златко, познат како ЈЗЈ или Кралот на светкавото (како што се нарекува себеси), ја освои француската публика со своето прво претставување таму.
Реакциите се одлични, а тој е презадоволен од целото искуство таму.
Во разговор за CRNOBELO.com, тој со воодушевување зборува за ова уникатно модно доживување, кое, се надева, дека ќе го повтори во најскоро можно време:
„Мојата најнова колекција ‘Нарцис’ е претставена на Модната недела во Париз. Конечно мојот бренд во Париз!
Колекцијата се вика ‘Нарцис’ бидејќи кога ќе се видам во огледало гледам совршена личност.
Па затоа и моето одело што го носев на дефилето на мојата ревија, беше везено со 99 огледала.
Носев и кралска наметка, од црвено кадифе, везена со лав што го симболизира мојот хороскопски знак.
Јас не би бил јас ако излезам без круна на главата.
Но знаете, во Париз поминале многу кралеви на коишто им се воодушевувам, но сите тие носеле само една круна.
Само јас сум во Париз - кралот со три круни, кралот на светкавото ЈЗЈ.
На мое огромно задоволство, јас имав две ревии.
Беше напорно да се постигне сè.
Првата ревија беше поинтимна, за купувачи, менаџери, новинари, луѓе од ‘внатрешниот’ свет на модата.
А втората ревија беше презентирање на големата сцена, со огромна публика и многу прес.
Јас со мојата појава направив голема фама, па по ревијата бекстејџот беше преполн со луѓе што сакаа да се фотографираат со мене, но и со новинари кои сакаа интервју.
Меѓу нив беше и екипата на светски познатиот моден канал Fashion TV.
Огромна поддршка во Париз ми е мојата сестра Магдалена, која овие денови е тука со мене, ми помага околу сите тековни работи.
Јас го ценам нејзиното присуство бидејќи долета од Милано, каде што живее, и ги остави своите обврски за да ми помага мене.
Колекцијата, пак, е во моите добропознати бои - црна, златна и сребрена, везена со многу детали во флора, и генерално инспирирани од цветот нарцис.
Јас сум на состаноци по цели денови, имам работни обврски од сабајле до вечер со менаџери на јавни личности и сопственици на шоурумови од целиот свет, бидејќи познатите личности и нивните помошници од целиот свет во моментов се во Париз.
Тоа не ми дава простор да прошетам туристички и приватно по музеи или да видам некои знаменитости, но тоа ќе го оставам за следниот пат, кога ќе дојдам приватно“.
Погледнете повеќе фотографии и видеа:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело