Искра Донева: „Ние, кои живееме со церебрална парализа од раѓање, знаеме што е борба - борба со своето тело 24h“
- Детали
- вторник, 25 март 2025
„Денес е светски ден за подигање на свеста за церебралната парализа... Да живееш со церебрална парализа е борба за да се исправиш, кренеш рака, свиткаш нога, досегнеш нешто, борба за секој чекор. Секое достигнување да јадеш, да се облечеш и слично е како олимписка дисциплина“, вели Искра Донева.
Искра Донева е жена која цел живот живее со церебрална парализа и отворено говори за да ја поткрене јавната свест на оваа тема.
Денес (25.03) е светскиот ден за подигање на свеста за церебралната парализа, па таа повторно се огласи на својот Фејсбук профил со моќна порака.
Инаку, церебрална парализа претставува група на невролошки нарушувања кои се појавуваат како резултат на оштетување или абнормален развој на мозокот, најчесто во текот на бременоста, породувањето или во првите години од животот.
Оваа состојба влијае на способноста за контролирање на мускулите и движењата.
Клучни карактеристики:
- Неподвижност или слаба координација на движењата (како што се одот, држењето на телото, балансот)
- Спастичност (зголемен мускулен тонус)
- Намалена мускулна сила и контрола
- Можни когнитивни и говорни нарушувања, зависно од тежината и типот на оштетување
- Состојбата е непрогресивна – не се влошува со текот на времето, иако симптомите може да се менуваат
Причини:
- Мозочен удар или недостаток на кислород при раѓање
- Инфекции во текот на бременоста
- Повреди на мозокот во раното детство
- Генетски и развојни абнормалности
Церебралната парализа не може целосно да се излечи, но преку физикална терапија, работна терапија, логопедска поддршка и медицински третман, може значително да се подобри квалитетот на живот на лицата со оваа состојба.
Објавата на Искра:
„Календарот вели денес е светски ден за подигање свест за церебрална парализа.
Ние, кои секој ден живееме со оваа состојба од раѓање знаеме што е борба. Борба со сопственото тело, кое 24 часа дневно е во постојан целосен грч, бесполезен труд кој те троши и заморува, а не си направил речиси ништо.
Борба за да се исправиш, кренеш рака, свиткаш нога, досегнеш нешто, борба за секој чекор....
Секое достигнување да јадеш, да се облечеш и слично е како олимписка дисциплина во спорост, достојна за златен медал.
Борба со умот, го ‘штимаш’ секое утро да гледа сонце, да има волја да го победи грчот во телото барем за миг, да прелета преку скалите, да не гледа пречки во тротоарите, да не обрнува внимание на погледите што прекоруваат што сме се дрзнале и покрај сè да се смееме и да го сакаме животот.
Знаеме што се доктори, болници, ходници, шалтери... Знаеме за општество во кое си само бројка и вишок.
Знаеме како е да си неслушнат, невидлив и недопрен, иако со сите сили крикнуваш на сет глас, ако го имаш.
Како е да ги губиш саканите кои ти биле поддршка... Знаеме за луѓе и нелуѓе... Знаеме и за среќа, љубов, креативност...
Создаваме свет во кој има место за сите и го цениме секој здив живот, сега и овде“.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





