Нови детали за пациентите со повреди од пожарот: „51 се испратени во странство, тука повеќето се стабилни, а 20 во критична состојба“
- Детали
- понеделник, 17 март 2025
Сите пациенти од Штип и Кочани се донесени во Скопје и се во стабилна состојба, 51 пациент се третираат во странски медицински центри, а сите кои биле во дискотеката, а немаат симптоми, задолжително да се пријават на лекар - изјава на министерот за здравство со последни информации за состојбата на пациентите по пожарот во Кочани.
Министерот за здравство д-р Арбен Таравари утрово даде изјава за медиумите, во која ја соопшти моменталната состојба на пациентите кои се хоспитализирани кај нас, но и во странство.
Соопштението од Министерство за здравство во целост:
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари во денешната изјава за медиумите истакна дека сите пациенти повредени во вчерашниот пожар од болниците во Кочани и Штип се пренесени во Скопје и се во стабилна состојба. Во Клинички центар моментално има 49 пациенти, а во ГОБ „8 Септември“ 18 пациенти, во Стара Градска болница 17.
Денеска се јавија и двајца нови пациенти во Штип кои досега не беа третирани. Апелирам сите лица кои биле присутни на настанот во Кочани, дури и ако немаат симптоми да контактираат со своите матични лекари. Во координација со Клиниката за психијатрија ќе формираме тимови од психијатри и психолози кои ќе бидат на располагање за психолошка поддршка на семејствата и пациентите, изјави министерот.
Во однос на пациентите кои се упатени во странство, 51 пациент се веќе испратени надвор од државата, од кои 9 пациенти се во Турција (3 во Истанбул и 6 во Анкара), Бугарија 14 пациенти од кои 8 пациенти во Софија, 5 пациенти во Солун, 17 пациенти во Србија, како и 2 лица во Будимпешта и 4 лица во Романија.
Очекуваме во текот на денешниот ден уште две лица да бидат упатени во Словенија, 4 лица во Хрватска и 6 лица во Австрија. Во моментот 20 лица се во критична состојба, посочи министерот Таравари.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.
Би можело да ве интересира:





