CRNOBELO анкета: Кои се жените-херои во животот на инспиративните Македонки?
Д-р Маја Врчаковска
Д-р Маја Врчаковска е познат и стручен кардиолог, а времето го минува посветена на работата и пациентите.
Оваа дама сака скијање, јавање коњи, велосипедизам, стрелаштво, хоби ѝ е изработка на модни креации, а за себе вели дека е посветен фан и познавач на филмската и драмска уметност.
Но, според неа, можеби не би била ова што е без двете најважни жени во нејзиниот живот, а кои се тие, откри во анкетата на CRNOBELO.com.
Која е највлијателната жена во вашиот живот и зошто?
Без двоумење тоа е мојата Мајка (со заслужена голема буква).
Вистинска дефиниција за човек со најголемо срце, безусловна поддршка во мојот живот, моето сигурно место.
Жена која што својата среќа ја жртвува за најблиските.
Кој е тој некој посебен момент на поддршка, совет, насока од некоја жена што ви помогнале да станете тоа што сте или да надминете некој предизвик и слично?
Од мојата мајка ги наследив токму тие карактерни особини - грижата за луѓето и трпеливоста.
Токму таа ме инспирираше да си го следам срцето и затоа уште од средно училиште се насочив кон најхуманата професија.
Моето семејство на чело со неа беше силата која ме влечеше напред, ме охрабруваше во секој чекор, ми помагаше да ги надминам сите препреки и да ги победам моите стравови и предизвици, а ми помогна и да се изградам во личноста што сум денес.
Што е најхраброто нешто што го направила некоја жена што ја познавате, на којашто ѝ се восхитувате?
Втората посебна жена во мојот живот е мојата сестра, мојата карпа и мојата ѕвезда водилка.
Ѝ се восхитувам на енергијата со која чекори низ животот, има заразно позитивен однос кон луѓето и во најтемните моменти внесува зрак на светлина.
Како вашата жена-херој ве инспирира и ве прави подобра личност?
Моите жени-херои со нивното присуство ме инспирираат да го осознаам мојот неограничен потенцијал, секој ден да бидам подобра верзија од себе и дека и мал гест на добрина може да разубави нечиј живот.
Ирина Камилоска
Ирина Камилоска е наша успешна планинарка, но и мајка на две деца помали од две години.
Таа сака наскоро повторно да му се врати на спортот и признава дека едни од нејзините херои се спортистките кои родиле, но потоа повторно му се посветиле на спортот.
Но, за тоа која е највлијателната жена во нејзиниот живот и со што го постигнала тоа, Ирина ни одговори во анкетата.
Која е највлијателната жена во вашиот живот и зошто?
Веројатно како и за многу голем дел од жените, највлијателна жена во мојот живот е мојата мајка.
Со текот на годините од мајките ги учиме најважните работи за да се избориме за нашето место во општеството, иако можеби сме несвесни за истото.
Кој е тој некој посебен момент на поддршка, совет, насока од некоја жена што ви помогнале да станете тоа што сте или да надминете некој предизвик и слично?
Максимална поддршка сум имала за сите мои спортски подвизи од мајка ми.
Од друга страна, пак, не сум добила некој посебен совет или насока од неа во поглед на подвизите, бидејќи никогаш не била спортист.
Но, затоа, сега откако и јас се реализирав како мајка, многу често знае да ми каже свои искуства од младоста кога таа беше мајка на нас дома, три деца под 3 години.
Предизвиците со кои се соочувам сега со две деца, ги споредувам со нејзините во тоа време со три деца и некако веднаш ми станува полесно.
Што е најхраброто нешто што го направила некоја жена што ја познавате, на којашто ѝ се восхитувате?
Најхраброто нешто и жени на кои им се восхитувам се буквално сите жени спортистки кои се реализираат како мајки, а кои и покрај сите пречки и тешкотии кои ги носи мајчинството, успеваат да се вратат назад во спортот.
Само жена која што била спортист знае што значи ова и колку труд, дисциплина и упорност треба да се вложи за да се успее.
Како вашата жена-херој ве инспирира и ве прави подобра личност?
Ме инспирира со нејзината издржливост, бидејќи и покрај тоа што животот ѝ врза шлаканица и ја остави без брачниот другар на млади години, со три деца дома, успеа сите да нѐ изведе на прав пат во животот.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





