Илина од Струга е мајка која испраќа моќен апел: „Учете ги децата на одговорен однос кон интернетот и паметните уреди“
- Детали
- четврток, 27 февруари 2025
Илина Пејоска Затуроски од Струга во една лична ситуација, открила дека нејзиниот син бил изложен на несоодветни содржини без нејзино знаење – токму од страна на возрасен член од семејството кој не бил свесен за потенцијалните опасности. Овој настан ја натера уште повеќе да зборува за едукацијата за правилното користење на технологијата.
Илина Пејоска Затуроски (33) од Скопје, мајка, инженер и дигитален специјалист, активно ги споделува своите знаења и искуства на Инстаграм профилот @ilinapejoska.mk, со цел да им помогне на родителите, професионалците и сите корисници на дигитални технологии да развијат свесен и одговорен однос кон интернетот, социјалните мрежи и паметните уреди.
Илина ги започна двете иницијативи #SlowTech и #ДетствоБезСмартфони како начин да ги мотивира и поддржи родителите во поставување здрави дигитални навики за своите деца преку постепено запознавање на децата со технологијата.
Користење на технологијата за личен и професионален развој
Иако многу луѓе зборуваат за негативните страни на технологијата, Илина постојано потенцира дека дигиталните алатки можат да бидат одличен ресурс за учење, продуктивност и креативност.
Таа препорачува различни едукативни апликации, платформи за онлајн курсеви и алатки за подобра организација на времето.
Според неа, ако веќе поминуваме многу време на интернет, треба да го искористиме тоа за личен напредок, а не само за бесцелно скролање по социјалните мрежи.
Децата учат од пример, Илина потенцира дека ако децата ги видат своите родители како ја користат технологијата паметно истото ќе го прават и тие.
Заштита на приватноста и безбедноста на интернет
Еден од најважните аспекти на дигиталната писменост, според Илина, е заштитата на личните податоци. Таа знае колку е лесно децата да станат мета на несакани содржини, особено ако родителите не се доволно запознаени со начините за заштита.
Во една лична ситуација, открила дека нејзиниот син бил изложен на несоодветни содржини без нејзино знаење – токму од страна на возрасен член од семејството кој не бил свесен за потенцијалните опасности.
Овој настан ја натера уште повеќе да зборува за тоа дека не само родителите, туку и најблиските луѓе околу детето треба да бидат едуцирани за правилното користење на технологијата.
Балансирање на времето пред екран
Многу родители се соочуваат со истиот предизвик – како да го намалат времето што децата го поминуваат пред екраните без тоа да заврши во расправија или драма.
Илина знае колку е важно поставувањето на граници, но и колку е тешко да се одржат. Често зборува за ограничување на времето поминато пред екран според возраста, дозволени уреди за децата според возраста на детето, вечери без екран, дигитални детокс викенди и алтернативни активности кои ги вклучуваат сите членови на семејството.
Таа споделува конкретни совети за тоа како родителите можат да најдат креативни начини за намалување на зависноста од уредите, без тоа да изгледа како казна.
Развивање на критичко размислување онлајн
Во дигиталната ера, децата секојдневно се изложени на различни информации, а многу од нив не се точни. Илина нагласува дека критичкото размислување е клучно за да можат младите да направат разлика меѓу вистината и манипулацијата.
Таа често споделува примери за тоа како да се провери изворот на една информација и како да се препознае лажна вест.
Нејзината цел е да им помогне на родителите да ги научат своите деца да бидат свесни дигитални граѓани, кои нема слепо да веруваат во сè што ќе видат на интернет.
Поттикнување на дигитална етика и емпатија
Интернетот често може да биде сурово место, а многу деца не знаат како да се заштитат од негативните коментари и онлајн малтретирањето.
Илина редовно споделува совети за тоа како родителите можат да ги научат своите деца на дигитална етика – како да комуницираат пристојно, како да препознаат токсично однесување и како да реагираат на негативноста на интернет.
Таа верува дека онлајн комуникацијата треба да биде темелена на почит, а не на агресија и осудување.
За повеќе совети и примери за дигиталната писменост, заштитата на приватноста и свесното користење на технологијата, можете да го посетите Инстаграм профилот на Илина Пејоска Затуроски @ilinapejoska.mk.
Таму редовно споделува корисни информации, секојдневни примери и практични решенија кои можат да им помогнат на родителите и децата да станат подобро дигитално едуцирани – и да ја користат технологијата на паметен начин.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





