„Две семејства се закопани, ни се случува Кецмановиќ на улица“ - Трогателни статуси по смртта на Фросина Кулакова
- Детали
- петок, 31 јануари 2025
„Две семејства. Во едното расте момче коешто на 20 години зад себе веќе има криминално досие, а во другото расте девојче коешто на 22 години е полно со елан и визија за иднина. Две семејства се закопани со еден удар. Едното од тага по изгубеното чедо, другото затоа што создале убиец...“
На 29 јануари возач ја удри со автомобил и на место ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова пред Универзалната сала на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Македонија е обивена во црно, а социјалните мрежи се преплавени со објави за неа.
Дел од трогателните објави:
Татјана Алексиќ, професорка:
„Две семејства. Во едното расте момче коешто на 20 години зад себе веќе има криминално досие, а во другото расте девојче коешто на 22 години е полно со младешки елан, визија за иднина, трудољубие, успеси и љубов кон животот.
Две семејства се закопани со еден удар.
Едното од тага по изгубеното чедо, другото затоа што создале убиец. Парите имаат моќ да поткупат, но не и да ја вратат продадената душа на ѓаволот.
И секое наше дете може да биде Фросина, сѐ додека имаме закон продаден за пари. Ни се случува Кецмановиќ на улица“.
Гоце Бумбароски, наставник, сподели статус преземен од Александар Адамовски:
„Ќе ми се треска од земја, а јас ќе му купам, ќе му дозволам, ќе му дадам сѐ што ќе посака зошто на негова возраст сум немал“ е најголемата грешка на денешните родители.
Нашите родители (имале или не, небитно) знаеле дека постојат возрасти на кои едно дете едноставно не само што НЕ МОРА, туку и НЕ СМЕЕ и НЕ ТРЕБА да има сѐ што ќе посака! Точка. Богами, точка“.
Мина Јелусиќ Јериниќ
„Секогаш насмеана низ ходниците во ЈБТ со некое интересно парче облека што самата си го имаше направено, прекрасната Фросина, зрачеше... Нека ѝ е лесна земјата и нека почива во мир милата Фросина.
Голема тага за сите кои ја познававме, а за нејзиното семејство и најблиски непребол, но за сите нас како друштво голем пораз и срам.
Јас никогаш не се огласувам јавно, ниту влегувам во дебати на социјални мрежи, но сметам дека ова е нешто што со години го премолчуваме, а одново и одново ни се случува.
Пораз и срам на сите нас, како општество.
Таа Партизанска...
Денес слушнав: „А бе, проклета улица ти е таа Партизанска". Не другари, не е проклета улицата, проклети се родителите што на уште неиспилени деца им даваат да возат брзи коли, не ги учат синчињата дека девојка се освојува со убави манири, а не со јака кола.
Проклета е и оваа држава, не само „оваа власт" или „онаа власт", било кој и да е на чело, (затоа велам држава), а не презема ништо и упорно полицијата на Партизанска НИКАДЕ ЈА НЕМА.
Јас да одлучував и да имав олку смртни случаеви на таа улица, ќе ставев патроли на секој чекор.
Вчера тоа беше Фросина, утре можеби ќе биде некој од нас, одејќи си дома во пристојно време.
Вчера згасна млад живот и од утре што? Родителите и најблиските ќе бидат тие што ќе си ја носат болката во себе цел живот и прашање е како ќе продолжат да живеаат со оваа болка и траума.
А сите ние? Назад на обврските и...
Пак по старо? На Партизанска повторно ќе нема полиција, размазени дечишта со скапи коли и кецови по македонски, во лоши „Јужни ветар“ филмови, пак ќе возат брзо и ќе се претицаат на Партизанска, повторно ЌЕ ПОМИНУВААТ НА ЦРВЕНО, казната за убиство повторно ќе биде 4-5 години затвор, возачките дозволи повторно ќе се штанцаат со потплатена комисија, повторно ќе се разбудиме во Скопје „градот убав“, градот убав кој дозволивме да стане град на блуд и неморал, на лоши филмови и лажни вредности, повторно ќе ни биде океј да е сè преку врски, криминалците да се на слобода, а мајката што украла леб детето да си го нахрани да оди во затвор...
И за некој месец, повторно ли ќе се разбудиме со вест дека некој млад живот прерано згаснал?
До кога ќе трае ова се прашувам?“
Весна Петрушевска
„Тоа што ѝ се случи на Фросина не е инцидент, ова е повторување на дело без никакви последици за оној што убива.
Тој „оној“ е слика на врсничкото насилство, дилер кој бил пуштен од системот, напуштен одамна од грижата на родителите, бесрамник и збеснат.
Замислете на пешачки премин уредно врви Фросина која имала голем сон, да биде уметник, моден дизајнер, да остави трага во својот живот.
Наспроти ова чудовиште кое летало по Партизанска и јас сум сигурна дека не му било сефте. Фросина е наша грешка, ние кои треба да се бориме жестоко и да бараме одговорност.
Јас изодев трнлив и мачен пат. Уште го одам, но кога зборувам гласно за насилство, мислам на ваквите.
Насилникот се создава, пред него се правеле наудрени, замижувале...
Тој ќе отслужи казна и пак ќе биде полусвет и бандит.
Фросина нема да биде дел од светот кој го сонувала.
Таа нема да се насмее повеќе, ниту да се бори против неправдите.
Фросина е нашиот завет! Слава ти и почивај во мир“.
С. С. | Црнобело