Јелена Спенџарска објави видео за токсични врски - жена ѝ вели: „Имам пеколен брак, ама каде да одам со деца?“
- Детали
- вторник, 28 јануари 2025
„Мојот телефон е повеќе негов отколку што е мој. Да види дали сум додала некој друг, дали сум лајкнала, ми чита разговори, што да ти кажам...“ - вели Јелена во виралното видео, чија цел е да ги едуцира жените во токсични и насилни врски дека не се сами и имаат каде да се обратат за помош.
Водителката и инфлуенсерка, Јелена Спенџарска, на својот Инстаграм профил објави видео на тема „токсични врски“, со кое поттикна дебата во јавноста, но и многу позитивни коментари.
Видеото направено во соработка со здружението „ХЕРА“ има за цел да ги поттикне оние што се наоѓаат во токсична врска или брак да го надминат стравот и да знаат дека не се сами во својата битка, туку дека постои некој што може да им даде помош, ако ја побараат.
Јелена претстави неколку примери поврзани со: пари, љубомора, физичко насилство, односно ситуации во кои се наоѓаат многу жени, а кои или се помириле со животот таков каков што им е, или не сакаат да признаат дека живеат во токсична средина.
Па во видеото, кое се споделува вирално на Инстаграм, таа прикажува неколку ситуации во кои вели:
„Пет пораки ти пишав пред два дена, не ми одговори“.
„Да? Немам поим, мојот телефон е повеќе негов отколку што е мој. Да види дали сум додала некој друг, дали сум лајкнала, ми чита разговори, што да ти кажам...“
„Честито покачување на плата“.
„Е, фала ти, ама како да не требаше. Абе, кога му кажав, кога се изнервира. Ти знаеш дека ми ја зема картичката? Што ќе ми се мене пари? Тој ќе ми давал. И сега дај за ова, дај за она, си барам од свои пари, еј... лудило.
За критики и навреди да не ти зборам. Дома, а неговите дојдат, само за мене се збори каква домаќинка сум, не знам да чистам, не знам да перам, знаеш, он тоа малку така како на шала го кажува.
А и неговите другари кога ќе дојдат, сите нивни жени се добри, само јас не чинам“.
„Секој мој чекор мора да се знае, а тој кај иде јас немам појма. Дури не ми ни крева на телефон. А не дај Боже јас да не кренам на телефон... Проблем!“
„Не дај Боже за нешто ‘не’ да му кажам. Тоа најмногу се однесува на нашиот сексуален живот“.
„Како мислиш?“
„Ние сме во брак, мора секогаш да можам, мора секогаш да сакам, кој ме прашува мене?“
„Знаеш што е најстрашно? Јас сум секогаш причината за неговата нервоза. Некогаш ќе удри по маса, некогаш ќе удри по ѕид...“
„А по тебе?“
„Абе, криво му е после, ќе се извини, знаеш, ќе ми каже дека ме сака, ќе ме гушне. Сигурна сум дека ме сака.
Гледаш, љубоморен е, тоа е знак дека ме сака. Не ме остава, со мене е, имам храна, имам кров над главата. Ќе се промени, ќе видиш. Да не се жалам, има и полошо, така?“