Уникатно запросување на Канео во Охрид – прстенот стигна со дрон (фото+видео)
- Детали
- петок, 24 јануари 2025
„Сакав да биде нешто поразлично, но имавме интересна, а и по малку стресна ситуација, кога дронот малку заглави меѓу гранките на дрвјата и срцето на момент ми запре дали ќе успеам да го земам прстенот, но сè заврши прекрасно“ - раскажува Филип (25) од Скопје, кој ја запроси саканата Моника (21), пред „Св. Јован Канео“, на 5-годишнината од врската.
Филип Станковски (25) од Скопје, е 5 години во врска со Моника Тодоровска (21), а токму на годишнината тој одлучил да ја побара за животна сопатничка и сопруга.
Тој има свој сопствен бизнис за производство на мебел, неговата партнерка е студент, а отпатувале во Охрид поради работни ангажмани, иако скриената цел била запросувањето.
На 23-ти јануари 2025, Филип ја изненади Моника со уникатно и романтично запросување, кое се случи пред црквата „Св. Јован Канео“.
Додека тие се упатуваат кон црквата, во еден дел е поставен црвен тепих, со срце од балони, цветни аранжмани и букви со натпис „Marry me“.
Фотографите Ристе Спироски и Никола Наумоски го документирале целиот процес во кој го закачуваат прстенот на црвена лента на дрон и го испраќаат до нив, а потоа Филип го зема и клекнува пред Моника.
За CRNOBELO.com, Филип раскажува подетално за идејата и реализацијата за уникатното запросување:
„На вчерашниот ден (23.01.2025) прославивме 5 години од нашата заедничка врска, а и тоа беше причината зошто токму овој датум беше одбран за запросување.
Канео е едно прекрасно место, не само за Македонија, туку и пошироко. Има прекрасна енергија и прекрасен поглед, а воедно е едно од најромантичните места.
Иако јас ги имав замислите и идеите како сакам да се одвива тоа, имав огромна помош од моето семејство за целокупната организација која траеше околу две недели.
Нашата главна причина зошто од Скопје дојдовме во Охрид беше презентирање на нови материјали, но јас имав една поинаква цел, запросување.
Сакав да биде нешто поразлично, поинакво, затоа идејата прстенот да пристигне со дрон ми беше прекрасна. Имав малку страв и трема да не не успеам да го земам прстенот или да не се случи нешто со дронот.
Имавме интересна, а и по малку стресна ситуација, кога дронот малку заглави меѓу гранките на дрвјата и срцето на момент ми запре.
Но, брзо се среди сѐ, сѐ беше прекрасно, а тоа беше една интересна случка што ја додадовме на целокупното искуство.
Нејзината реакција беше мешавина од изненадување и радост. Со солзи во очите таа кажа ДА.
Околу нас имаше луѓе кои почна да аплаудираат и да викаат „браво“!
Моментот беше како од филм - совршена комбинација од среќа, радост, љубов“.
Погледнете го видеото од запросувањето:
М. М. | Црнобело