Ирина Камилоска во 42-ра недела од бременоста се качува на Водно: „Ако добијам болки ќе му се јавам на сопругот“
- Детали
- петок, 10 јануари 2025
„Со Јосиф имав природно породување, се надевам дека ќе биде исто и сега на ГАК. Препорака на докторите е ако не се породам спонтано до полна 42-ра недела, да се стави провокација која ќе го поттикне раѓањето“ - вели Ирина Камилоска која е веќе во 42-та недела од бременоста.
Планинарката Ирина Камилоска, инаку сопруга на музичарот Павле Камилоски, наскоро треба да го роди нивното второ дете.
Таа е на почетокот на 42-та недела од бременоста, но и понатаму се искачува на Водно, исто како и со првата бременост, кога два дена пред да го роди синот Јосиф, самата пешачеше на Водно.
Овој пат, Ирина и Павле ќе добијат девојче, а полот на бебето планинарката, исто така го откри искачувајќи се на Водно.
Таа вели и дека девојчето „ќе биде некој тежок инает“, а името ќе го откријат наскоро, кога ќе се породи.
Па, додека го чека моментот на породувањето, Ирина повторно реши да сподели дел од своите искуства и преку Инстаграм Стори да одговори на прашања поврзани со бременоста и мајчинството.
„Здраво дечки. Нова година помина, Бадник и Божиќ поминаа, а јас уште не сум породена. Верувам дека има многу мајки што ги носеле децата до 42-та недела и ова е крајот. До тука е, толку се може.
Бидејќи веќе има многу прашања, прашајте ме што сакате, ќе ви оставам отворено прозорче, па прашајте ме“ - рече таа.
На прашањето каде ќе се породува, таа одговори дека исто како и со синот, ќе оди на ГАК, односно во Државна клиника.
„Со Јосиф имав природно породување, се надевам дека ќе биде исто и со второто раѓање.
Препорака на докторите е доколку не се породам спонтано до полна 42-ра недела, да се стави индукција (провокација) која ќе го поттикне раѓањето“.
Дали одиш сама на Водно? Ако ти пукне водењак или ако те фатат болки што би направила?
„Скоро секогаш сум сама на планина. Најпрво би се слушнала со сопругот да му направам малку стрес.
Потоа почнувам со правилно дишење за да ги намалам болките и да издржам да стигнам до Клиника“, вели Ирина.
Имаше и такви што ја прашаа каква е реакцијата на Павле, особено што сама се качува на Водно, а веќе треба да се породи.
„Ха, ха, прашајте го. Мислам дека тој знае со кого се ожени. Па и тој планинари на Водно редовно веќе“.
Како се натера за второ? Две години има, за второ не ми паѓа на ум - пишува во една од пораките.
„Многу брзо растат. Не ми се верува дека Јосиф од толку мало бепче преку ноќ стана мало човече кое почнува и да зборува.
Додека да трепнеш ќе поминат уште две години. Е после 4 години не знам баш дали ќе сакаш да се враќаш назад на пелени (ха-ха)“ - напиша Ирина.
„Дали некогаш ќе спијам пак?“ е едно од прашањата, на што Ирина вели:
„Најболната тема за новопечени мајки. Ќе спиеш пак. Ако имаш среќа, бебето ќе почне да врзува по неколку часа по третиот месец... ако си од помалку среќните, тие часови ќе почне да ги врзува по 7-8 месец.
Има исклучоци и од едните и од другите. Има деца што спијат по цела ноќ, и такви кои сон нема да врзат до нивната 1 година.
Но запамти - кога детето спие денски - спиеш и ти. За да завршиш домашни обврски, мораш да си дадеш сон на телото. Дремката, дури и да е 20 минути, ќе ти даде енергија да завршиш некоја обврска“.