Филмско запросување на Македонка во Кападокија: „Правевме фотосесија и кога се свртев, го видов клекнат на колено“
- Детали
- сабота, 11 јануари 2025
„На Денот на вљубените ми ги подари авионските билети и ми кажа дека за годишнината ќе го добијам остатокот од подарокот, односно целото патување организирано од него, како и фотосесија, бидејќи знае колку многу сакам да се сликам. Па, не се ни посомневав дека планира нешто повеќе“, раскажува Марија од Битола за запросувањето што ѝ го приредил саканиот Мартин.
Марија Илијева (29) од Битола и Мартин Ѓоргиев (28) од Штип минатата година има волшебно запросување во Кападокија.
И двајцата работат во Софија – Марија е продуктов менаџер во IT компанија, додека Мартин е машински инженер.
Минатата година биле во Кападокија, а како што открива Марија, патувањето било подарок од Мартин за нивната годишнина.
Но, Марија не ни помислувала дека нејзиниот сакан планира и да ја побара за жена на патувањето.
За CRNOBELO.com Марија открива детали за нивната врска, како и бајковитото запросување:
„Се запознавме во Софија како студенти. Јас сум 1 година генерациски поголема од него и веќе се дружев со неговите другари во Софија, така што кога тој дојде бевме во исто друштво.
Но, само неколку месеци по неговото доаѓање, меѓу нас се роди искра, и оттогаш започнавме да се гледаме.
Заедно сме скоро 9 години, а ме запроси точно на нашата осма годишнина на 15-ти март, 2024 година.
Мартин го купил прстенот во септември 2023 година (односно, 6 месеци пред запросувањето) и сакал да ме запроси уште во 2023 година.
Поради тоа што многу сакам да патувам, тој сакал запросувањето да биде на некое специјално место каде што не сме биле заедно.
Размислувал за неколку локации, но не му успеало во 2023 година, бидејќи јас веќе немав слободни денови од работа.
Се сеќавам дека на крајот од 2023 година, го замолив да напишеме цели за 2024-та и една од моите желби беше да одиме во Кападокија и, всушност, така и го избрал местото.
Патувањето до Кападокија беше подарок од него. На Денот на вљубените ми ги подари авионските билети и ми кажа дека за годишнината, на 15-ти март, ќе го добијам остатокот од подарокот, односно целото патување организирано од него, како и фотосесија, бидејќи знае колку многу сакам да се сликам, а и тоа си е нормално за Кападокија како дестинација.
И, точно поради таа причина јас не се ни посомневав дека планирал нешто повеќе, т.е. си помислив дека сака да ми ја оствари желбата и ми подарува патување за годишнината.
Целото ова го организираше со помош на неговата сестра Александра, која е професионалец во оваа сфера, бидејќи има завршено и се занимава со туризам.
Прстенот го криеше кај нашиот најдобар пријател во Софија. Ние заедно живееме, па ако беше дома, сигурно ќе го откриев.
Пред да заминеме за Кападокија, јас не знаев ниту каде ќе бидеме сместени, бидејќи и хотелот беше изненадување, а во Кападокија за хотелот е многу важно да има rooftop тераса и добар поглед кон балоните.
Знаев само дека ме чека фотосесија во хотелот и дека треба да изберам фустан за фотосесијата.
Бевме сместени во Charming Cave хотелот во Ѓореме, Кападокија. Персоналот беше запознаен со целата организација, а кога пристигнавме, се сеќавам дека ни рекоа дека балоните не летаат веќе три дена поради лошото време.
Мартин беше договорен, ако не летаат утре (на денот на нашата годишнина), да се одложи целата организација за следниот ден, бидејќи бевме таму три дена, но тој сакаше запросувањето да се случи точно на нашиот датум.
За наша среќа, балоните летаа и трите дена.
Денот (15.03.2024) започна многу рано, во 5 и 30 ми го донесоа фустанот, а пред 6 часот требаше да бидеме готови и да тргнеме кон локацијата од каде што полетуваат балоните.
Фотографите ни кажаа да побрзаме, бидејќи балоните веќе се движат кон хотелот, а имале информации дека поради временските услови, денес ќе летаат помалку.
Тие беа во контакт со пилотите на балоните и знаеја точно што се случува. Во целото тоа брзање, јас искрено не се посомневав дека има нешто друго организирано.
Пристигнавме во хотелот, а на приватната тераса бевме само ние. Таму беше подготвен специјален појадок со традиционални турски јадења, кои беа неверојатно вкусни, а погледот… беше волшебен, балоните пловеа низ небото како да сме во бајка.
Започнавме со фотосесија, а потоа ми рекоа да застанам сама и да снимиме видео за Инстаграм, каде што се вртам со фустанот.
Бројат 1, 2, 3… се вртам, а пред мене – Мартин, клекнат на колено.
Чувството е невозможно да се опише со зборови, но со сето срце реков 'ДА' на мојата сродна душа, во местото од моите соништа – вистинска бајка, каде што тој ме натера да се чувствувам како принцеза.
Бескрајно сум благодарна за ова незаборавно искуство и емоција што ќе ја носам со себе целиот живот, и многу сум среќна што имаме фотографии од овој прекрасен момент.
Кападокија сега е наше специјално место и верувам дека ќе се вратиме таму уште многупати.
Всушност, веќе ја планирам Кападокија како една од дестинациите за нашиот меден месец“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело