Кои познати Македонци имаат три или повеќе деца?
- Детали
- сабота, 07 декември 2024
Дали знаете дека Симон Трпчески е татко на близнаците Стефан и Андреј, но дека има и постара ќерка, Лара? Перо Антиќ има три сина, исто како и пејачката Ребека Јанковска Ристески. Кои други познати Македонци имаат три или повеќе деца?
Некои од познатите Македонци кои имаат три или повеќе деца, постојано објавуваат фотографии и видеа со нив, споделуваат прекрасни семејни моменти и роденденски честитки.
Други, пак, семејството го чуваат далеку од очите на јавноста и на тој начин се обидуваат да ги заштитат.
Сепак, и едните и другите, често знаат да кажат дека ги обожаваат своите деца и дека се гордеат со нив.
Кои познати Македонци имаат три или повеќе деца?
Симон Трпчески
Пијанистот со светска кариера, Симон Трпчески е татко на девојче и две момчиња - близнаците Стефан и Андреј.
Но, тој скоро никогаш не зборува ништо за нив, ниту, пак, објавува фотографии на социјалните мрежи.
Сепак, неговата ќерка Лара тргна по музички пат како нејзиниот татко, па таа ја претставуваше Македонија на Јуниор Евросонг 2022.
Елена Велевска
Фолк пејачката Елена Велевска има две ќерки, Софија и Калија, и еден син - Марко.
Иако во минатото често објавуваше нивни фотографии, откако се разведе, таа скоро и да нема објава со нејзините три деца.
Перо Антиќ
Претседателот на кошаркарската федерација, Перо Антиќ има три сина - Павел, Петар и Лука.
Иако синовите живеат со поранешната сопруга на Перо, некогашниот кошаркар го користи секој миг да биде со нив.
Децата го имаат наследено неговиот спортски ген, а Антиќ постојано ги носи на тренинзи, ги следи нивните натпревари и се дружи со нив.
Пере Нокаут
Никола Перевски - Пере, пејачот на „Нокаут“, има 4 ќерки.
Михаела (или Миа како што е позната во музичкиот свет) и Каја ги има од првиот брак, но доби две ќерки и од вториот брак - Софиа и Ирис.
Познатиот музичар често знае да каже дека е среќен што сите 4 ќерки, без оглед на големата разлика во години, се обожаваат една со друга.
Ребека Јанковска Ристески
Ребека е мајка на Маркијан и близнаците Доротеј и Макариј.
Поранешната пејачка често истакнува дека синовите ѝ се најголемата мотивација и дека не може да си го замисли животот без нив.
Горан Пандев
Поранешниот фудбалер е татко на момче и две девојчиња.
Горан ги има синот Филипо и ќерките Ана и Софиа, но и тој е еден од оние познати личности кај нас кои не зборуваат многу јавно за своите деца.
Живкица Каленикова
Познатата водителка не зборува често за својот приватен живот од јавноста, но понекогаш знае да сподели семејни фотографии на кои е со трите деца.
Таа е мајка на момчињата Даријан и Марко, а ја има и ќерката Ана.
А. Ј. | Црнобело