Лила Филиповска за ракот на дојка: „На син ми му реков - Канцер е, но ќе го средиме, немој да се секираш“
- Детали
- понеделник, 04 ноември 2024
„Дијагнозата е најтешкото нешто, затоа што кога ќе се каже канцер, како да ти кажале ‘Ќе умреш’. Мислам дека и после 3 години уште не сум вратена ментално на истото како претходно…“, искрено споделува Лила Филиповска.
Лила Филиповска и врвниот радиолог д-р Славица Чалческа гостуваа во првата епизода од новиот поткаст „Зрак со д-р Марина“.
Лила отворено говореше за тоа како ја добила дијагнозата рак на дојка.
Во гостувањето таа вели:
„Луѓето очекуваат дека јас многу почесто ќе зборувам на темава, но јас просто не сакам да траоризирам, само сакам одвреме навреме да потсетам колку се важни прегледите и самопрегледите.
Кај мене, можам да кажам дека ја имав таа среќа карциномот да биде видлив со голо око, како некој израсток, и тоа ми беше причина да одам и да се прегледам.
Потоа, одев на неколку прегледи, каде беше третиран како нешто бенигно и последниот пат разговорот беше дека ако почне да расте, ќе треба да се направи биопсија.
Имав период каде што имав многу работа и си реков штом завршам јас одам ова да го вадам, што и да е. Отидов, направив биопсија и тогаш ја дознав дијагнозата...
Мислам дека и после 3 години уште не сум вратена ментално на истото како претходно, а и после ова никогаш нема да бидам старата јас.
При самото слушање на дијагнозата мислиш дека си во некој филм, тоа е најтешко. Доктор Чалчевска ми ја правеше биопсијата...
Јас сум жена која секогаш внимавала на своето здравје и не можев да поверувам во дијагнозата.
Јас се чував во поглед на исхрана и стил на живот, но потфрлив кога е стресот во прашање, имав два стреса континуирано. Тоа е неочекуваната смрт на мојот татко, која ми направи генерален дисбаланс во мојот живот, ми направи и стрес и тага.