Почина Зоки Фаци по долга борба со ракот
- Детали
- петок, 01 ноември 2024
Новинарот и водител Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци, почина утрово по долга борба со ракот.
Нашиот познат естраден новинар и водител Зоран Василевски - Фаци, почина утрово.
Тој неколку години се бореше со туморот. Болеста му беше дијагностицирана во 2021 година, по што се оперираше, но за жал ракот се врати.
Зоки неодамна беше и во Турција, каде што требаше да биде опериран, но лекарите таму му соопштиле дека ракот метастазирал на коските.
И покрај ова, беше ведар, не се предаваше и до последен момент јавно зборуваше дека ќе го победи ракот и ќе се врати во новинарските води.
Веста за неговата смрт ја објави неговиот пријател и соработник Стефан Лазаров.
„За жал ова утро во 6:40 почина Зоран Василевски. По долга борба со ракот тој не успеа. Македонија изгуби новинар, другар, човек кој знаеше да помага на сите.
Сочувство до фамилијата и блиските. Погребот ќе биде утре, а каде и кога ќе ве известам.
Те сакам пријателе, секогаш ќе се сеќавам на тебе и на твојата насмевка. Многу ќе ми фалиш“, напиша тој.
Зоки важеше за еден од најдобрите, но и најпровокативни естрадни новинари во Македонија.
Кариерата ја почна во дневниот весник „Вест“, каде што во забавната рубрика пишуваше за животни.
Потоа работеше како водител на естрадниот магазин „Фаци“ во А1 телевизија, од каде што го доби и прекарот кој го следеше цела негова кариера.
Последниот професионален ангажман го имаше заедно со Стефан Лазаров, во нивниот заеднички поткаст.
А. Ј. | Црнобело