Емотивна објава за Мирко Попов, кој денес ќе наполнеше 52 години: „Спектакуларно живееше, достоинствено се поздрави“
- Детали
- вторник, 15 октомври 2024
„На денешен ден 1972 година беше роден човекот кој многу го сакаше животот. Научив од него работи кои ги нема во книгите...“, пишува Слободанка Тренчева – Боте за Мирко Попов.
Мирко Попов, човекот кој беше предводник на електронскиот музички бран кај нас - продуцент, пејач, актер, за жал, прерано го изгубивме. Почина на 51-годишна возраст, во март 2024.
Денес (15.10) тој ќе го прославеше својот 52-ри роденден, а по тој повод се огласи неговата пријателка и познат градски лик Слободанка Тренчева – Боте.
Нејзината објава полна емоции гласи:
„Денес имам измешани чувства, емоции, времиња… Мирко, бесмртниот човек, кој се сврте и си замина, спектакуларно како што и живееше, достоинствено се поздрави. Легендите никогаш не умираат!
Времето поминува, луѓето си одат...
Остануваат моментите кои траат засекогаш, на денешен ден 1972 година беше роден човекот кој многу го сакаше животот. Научив од него работи кои ги нема во книгите, енциклопедиите.
Научив како се сака оваа наша професија. Не беше свесен колку мене ми значеше сето тоа...
Што друго да правам денес, да замижам за да ми се појават сите убави нешта што ги сакавме, сите непроспиени ноќи во кои со голем успех фантазиравме за недофатливото.
Фала ти за сè брат.
Сè е по старо. Писмените се срамат дека се писмени. Неписмените се трудат да бидат уште понеписмени. И уживаат во тоа. Сè на сè брат, ништо не си пропуштил...
Вечерва не можеме да прославиме и наздравиме заедно, но кај и да сме ќе наздравиме и прославуваме во твоја чест, се разбира, тие што те сакавме и почитуваме…
Среќен роденден Мирко!“
С. С. | Црнобело