Почина Мирко Попов (51), еден од пионерите на електронската музика во Македонија
- Детали
- недела, 24 март 2024
Денеска по кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов (51).
Социјалните мрежи се преплавени со веста дека почина Мирко Попов (51), човекот кој беше предводник на електронскиот музички бран кај нас - продуцент, пејач, актер...
Тој пред неколку дена беше хоспитализиран на една од скопските клиники, откако доживеал мозочен удар и обилно крварење.
Иако лекарите се бореле за неговиот живот, тој за жал не преживеал.
Од Попов на социјалните мрежи се простуваат неговите пријатели.
„Некои луґе живеат 2 животи во еден. Создаваат, креираат, придонесуваат и оставаат вечен печат. Таков беше ти, драг Мирко. Секогаш ведар позитивен и борбен.
Почивај во мир. А, вредностите кои беа дел од тебе, нека не обединат сите и нека не направат подобри луґе. Затоа што животот е еден“, напиша на Фејсбук Слободанка Тренчева, негова пријателка и долгогодишна промоторка на електронската музика кај нас.
„Не е некоја тајна дека најчесто сме биле на различни страни, некогаш и не така пристојни еден кон друг, но сепак не може да се одземе ентузијазмот и жилавоста со која се бореше за скопската клубска сцена, желбата да ја промовира музиката и нови, млади сили кои уште долго ќе го чуваат од заборав. Светол пат Мирко Попов и сочувство до семејството“, напиша Божидар Божиновски на Фејсбук.
Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20тиот век.
Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки.
Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992 година и оттогаш постојано има настапи.
Истата година почнува да работи во култното скопско музичко радио „Канал 103“, каде што од 2008 до 2010 година беше главен и одговорен урeдник.
Во 1998 година ја формира „ПМГ Рекордингс“, дискографска куќа која ја слави современата култура и која денес е водечка независна дискографска куќа во земјава.
Тој е и дел од бендот „ПМГ Колектив“, каде се јавува како автор на музика, текстови, но и пејач. „ПМГ Колектив“ има издадено 9 албуми и едно издание на најголемите хитови, и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.
Попов има играно и во неколку театарски претстави, како и во филмови. Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103 -љубовно писмо до алтернативната култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До небото замок”. Беше продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.
Автор е на книгата „20 години те сакам *Монографија за ПМГ колектив”. Автор е и на книгата за деца „Розевата планета” издадена за Чудна Шума на македонски и албански јазик.
Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и др. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро и други.
Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец е на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, а беше иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.
А. Ј. | Црнобело