Се слави Покров на Пресвета Богородица – Празник на жените и на оние што се молат за потомство
- Детали
- понеделник, 14 октомври 2024
Денешниот ден се нарекува и Покров, Богородични покров и Женски празник. Го слават најчесто жените за полесно да се породуваат и да одгледуваат деца. На денешен ден треба да се помолат и жените што сакаат да добијат потомство.
На денешен ден (14.10) православните христијани го слават празникот Покров на Пресвета Богородица, ден којшто се смета за женски празник.
На Света Богородица денес треба да ѝ се помолат сите жени коишто се бремени за полесно да им помине бременоста и породувањето, но и жените коишто немаат потомство.
Празникот Покров на Пресвета Богородица е востановен за да се оддаде чест на настанот што се случил на 1-ви октомври 911-та година.
За време на едно Бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград, додека народот бил собран за молитва и бдение, над него се појавила Пресвета Богородица со распростран омофор на рацете и со таа облека како да го покривала народот.
Богородица била облечена во златна порфира и блескала во полн сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици.
Оттогаш, па наваму, празникот се слави за да го потсетува христијанскиот народ дека Пресвета Богородица постојано бдее над нас и дека тој „покров“ го бараме секојпат кога сме во неволја.
Б. С. Б. | Црнобело