„Врз облаци зачекори“ - Емотивен последен поздрав за нашите тројца медицински експерти, кои загинаа во страшна сообраќајка
- Детали
- петок, 04 октомври 2024
„И верувам, таму горе над облаците, кај сонцето и месечината, помеѓу ѕвездите, таму каде и ти сега си ѕвезда сјајна, таму е поубаво и почисто, безгрижно и бајковито, оти злото не знае да лета, а и да знае, од Бога се плаши и горе не би отишло...“
Вчера (03.10) Македонија беше обвиена во црно по веста дека врвниот македонски радиолог прим. д-р Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа, одејќи на своите работни места во Битола, тргнувајќи од Прилеп.
Од болницата Плодност, каде тројцата работеа, напишаа:
„Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој загина во сообраќајна несреќа.
Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца.
Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница.
На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите.
Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.
Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги“.
https://www.facebook.com/BolnicaPlodnost/posts/pfbid023f6SNSLfS4qk3V4yfE5ikjhm2UJqXsWPEGzVSCaQoZffdc6o2eTqVx7fGNvmWDJ3l
Оваа огромна загуба допре до сечие срце во Македонија, а емотивна објава на прерано починатите им посвети и Инстаграм профилот „Македонска поезија“ – песна од поетот Марко Виденовиќ.
Нивната објава гласи:
Последен поздрав за прим. д-р Александар Ристески, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска.
Врз облаци зачекори,
на меко и чисто да газиш,
тука долу тиња е,
загнасено и матно.
Таму горе,
до сонцето поблиску ќе бидеш,
ќе те гали и грее,
и патот светол секогаш ќе ти биде.
А кога сонцето ќе зајде,
не грижи се,
месечината ќе те чува,
ќе те гушка и гали,
како мајка што најнежно
на чедо свое тоа го прави.
И верувам,
таму горе над облаците,
кај сонцето и месечината,
помеѓу ѕвездите,
таму каде и ти сега си ѕвезда сјајна,
таму е поубаво и почисто,
безгрижно и бајковито,
оти злото не знае да лета,
а и да знае, од Бога се плаши
и горе не би отишло,
тоа тука на дното се гуши,
и нам долу,
сонот ни го руши.
Таму горе
С. С. | Црнобело