Нашата Марија стана светски шампион во кик-бокс и уште 4 позитивни вести од Македонија кои нè израдуваа минатата недела
Биточанецот Пеце Јанкуловски со булдожер ископа ров за да спречи пожарот во тој реон да се прошири на селото Паралово и манастирот Св. Ѓорѓи
Пеце Јанкуловски, кој долги години работи како машинист во РЕК „Битола“, го прекинал својот годишен одмор и заминал со булдожер за да ископа ров и да направи заштитни појаси, за да спречи еден од пожарите кој беше во битолскиот реон, да се прошири кон селото Паралово и манастирот „Св. Ѓорги“ - местото каде што е погребан војводата Ѓорги Сугарев.
Пеце, кој и во минатото бил вклучен во гасење пожари, со булдожерот тежок 100 тони возел 3km по козји пат, на стрмен терен и помогнал да се изгасне пожарот на местото кое било најризично.
За својата храброст и пожртвуваност, тој доби пофалница и парична награда од својата компанија.
Фото: Фејсбук
Марија Димовска стана светска шампионка во кик-бокс
Нашата кик-боксерка Марија Димовска освои злато на Светското јуниорско првенство во Будимпешта и стана светsка шампионка.
Таа во финалето се бореше против претставничка на Израел и победи со резултат 2-1.
На истиот турнир во машка конкуренција за злато се бореше Лука Змејкоски, но тој загуби во финалето и заврши на второто место.
Кучето Ким по една година најде дом
На Фејсбук страницата на Лајка неодамна беше објавена фотографија со порака дека кучката Ким конечно има ново семејство.
„Објавите за кучињата кои повеќе од година дена чекале дом кај нас, ни се најдраги.
Овој пат се заљубија во Ким и одлучија да ѝ дадат втора шанса за живот во нивниот дом. Со среќа Ким“, пишува во објавата на Лајка.
А. Ј. | Црнобело