Деца генијалци на Јуниорска Олимпијада и уште 4 позитивни вести од Македонија кои нè израдуваа минатата недела
Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика
На 8-мата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2024), која се одржа од 16 до 22 август во Кишињев, Молдавија, младите македонски ученици - информатичари, освоија три бронзи.
Бронзените медали за Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години ги освоија Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица.
Дел од македонскиот тим беше Бисера и Илиева од Скопје, а тимот беше предводен од Владислав Бидиков и Иван Занов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Со овие три медали, македонските ученици на досегашните осум изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 златен и 6 бронзени медали, што е резултат со кој можат да се пофалат мал број земји-учеснички на Олимпијадата.
На ЕЈОИ годинава учествуваа вкупно 98 ученици од 26 европски земји.
3 распродадени концерти и овации за Симон Трпчески во 3 земји
Виртуозот на пијано, Симон Трпчески, минатата недела одржа три распродадени концерти и тоа во Амстердам, Будва и во Ла Коте Сан Андре во Франција. Овие концерти беа дел од неговата летна турнеја низ Европа.
Во Амстердам, Трпчески имаше концерт со Романскиот камерен оркестар.
Во Франција настапи во Ла Коте Сан Андре, на фестивалот Berlioz, и ова е негово прво учество на овој фестивал во неговата долгогодишна кариера. На фестивалот, го придружуваа музичари од Младинскиот симфониски оркестар на Украина.
Летната турнеја низ Европа, тој ја заврши во Будва, во црквата „Св. Марија“, лоцирана во стариот град.
Трпчески по 25 години се врати во Будва, а неговиот концерт локалните медиуми го оценија како „маестрален“.
„Кривопаланечко културно лето“ со богата програма - концерти, фолклорен фестивал, фестивал на ракотворби
Изминатата недела во Крива Паланка се одржа „Кривопаланечко културно лето“, како дел од манифестафијата „Крива Паланка - Град на културата“.
Деновите во градот беа исполнети со многу музика, забава и спортски активности.
Па така, во градот се одржа „Џојфест“ на кој настапија Калиопи, Суперхикс и Конкоринг лајон, а настапија и ѕвездите на проектот „Македонијо во срце те носиме“ - Сузана Спасовска, Александар Тарабунов, ДНК, Ламбе Алабаковски, Бојана Скендеровски и други.
Како дел од културните настани беше и Меѓународниот фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, каде што се претставија голем број фолклорни друштва, но и спортскиот настан „Фудбал за сите“.
А. Ј. | Црнобело