Марија од Кичево ја запросија во Трст: „Свршеникот ги исполнил и најситните детали од моите желби“
- Детали
- среда, 28 август 2024
„Сосема неочекувано, музичарите почнаа да свират романтична музика и Иван извади прстен од џебот и клекна пред мене на зајдисонцето со најубавиот поглед и ми кажа: ’Фала ти за сè досега, дали сакаш отсега да ми бидеш жена?‘“ – раскажува за CRNOBELO.com Марија од Кичево, која летово имаше магично запросување во Трст, Италија.
Марија (24) од Кичево летово беше магично запросена од нејзиниот дечко Иван (32), додека беа на заедничко патување во Трст, Италија.
Марија во изјава за CRNOBELO.com ни раскажа дека со Иван се запознале сосема случајно во Кичево, а се 3 години во врска, од кои, 2 години веќе живеат заедно.
Марија и Иван една година заедно живееле во Скопје, а во последните 12 месеци дом им е Хрватска, каде што работат.
Таа вели дека уште кога првпат се виделе, знаеле дека еден ден ќе стапат во брак, а за запросувањето Иван ѝ ја исполнил секоја желба до детаљ.
„Некое време по нашето запознавање ме праша дали би сакала брак и деца млада и така нашите разговори водеа до тоа како го замислувам моето запросување, дали сакам да патувам, каква свадба сакам и сè беше онака како што му кажав првиот ден.
Најубаво е чувството кога некој и најситните детали во желбите сака да ги исполни.
Инаку, уште кога почнавме да живееме заедно, бевме фокусирани на посериозни чекори и работи и веќе чувствувавме дека ни се ближи брак“ – раскажува Марија за CRNOBELO.com.
Нашата соговорничка вели дека иако знаела дека се ближи денот кога саканиот ќе клекне на едно колено пред неа и ќе ја запроси, не очекувала дека токму тоа попладне во Трст ќе го добие свршеничкиот прстен.
„Беше многу неочекувано. Тој ден се разбудив многу, многу позитивна. Тргнавме на пат, сè беше супер и Иван предложи да направиме некое крстарење по море или да одиме во Castle Miramare…
Но, беше многу топло па решивме со автомобил да одиме до замокот и потоа на вечера во ресторан ми предложи да направиме слики.
Шетавме во замокот, се сликавме… Беше многу топло и заминавме да најдеме ресторан за вечера, но Иван смислил да резервира маса баш на местото коешто потсетува на она што јас го посакував за запросувањето.
Имаше организирана прослава, музика, морска храна, вино, шампањ, колачи.
Организирал сето тоа да биде снимено.
Сосема неочекувано, музичарите почнаа да свират романтична музика и Иван извади прстен од џебот и клекна пред мене на зајдисонцето со најубавиот поглед и ми кажа:
’Фала ти за сè досега, дали сакаш отсега да ми бидеш жена?‘
Јас бев изненадена и најсреќна и кажав: ’Да‘ – ни раскажува Марија.
Инаку, освен за местото и локацијата, Иван мошне внимавал да ги исполни желбите на Марија и во однос на прстенот, а како и секој друг свршеник и тој се потрудил да го скрие за време на патувањето, за неговата сакана да не го најде.
„Го криел прво прстенот во автомобил, па потоа го ставил во куфер, па потоа, за посигурно, пак го вратил во автомобилот, на место каде што јас сигурно нема да го најдам“ – ни раскажува Марија.
Погледнете уште неколку фотографии од запросувањето во продолжение:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело