Се слави Собор на Свети Архангел Гаврил – денот кога жените треба да се помолат за потомство
- Детали
- петок, 26 јули 2024
Неговата икона секојдневно ви поминува низ рака. Дали сте забележале дека на банкнотата од 50 денари е отсликан Архангел Гаврил? Денес се слави Архангелот кој носи убави и благи вести – среќен именден Гаврил, Гаврило, Габриела...
Православните христијани на 26-ти јули го слават празникот Собор на свети Архангел Гаврил, во народот познат и како летен свети Архангел.
Освен што се слави како слава во голем број домови, на овој ден именден слават Гаврил, Гаврило, Габриела, Габи...
Свети Архангел Гаврил се смета за еден од седумте архангели кои се најблиску до божјиот престол и се смета за предвесник на божјите тајни.
Се верува дека овој архангел е оној што носи убави и „благи“ вести, затоа што токму тој прв им се јавил на Јоаким и Ана и го објавил раѓањето на Пресвета Богородица, а потоа и на Пресвета Богородица со веста дека ќе роди Син, спасителот на човечкиот род, Господ Исус Христос.
Како најважна вест што тој му ја соопштил на човештвото, е онаа за воскреснувањето на Христа.
Овој архангел се смета за симбол на мирот, љубовта и радоста во целото човештво.
Според традициите и обичаите, се верувало дека жените на овој празник не треба да шијат или да плетат, ниту да се занимаваат со тешки физички работи.
Со оглед на тоа што тој ги носи убавите вести, се верува дека на денешен ден треба да се помолат сите оние што немаат деца, а сакаат да останат во блажена состојба.
Во минатото се верувало дека овој светец е заштитник на стоката и од временски непогоди.
Исто така, убаво е за време на овој празник да направите некое добро дело. Тоа не мора да биде нешто големо и значајно, туку симболично, со цел да го прославите празникот на Архангелот кој секогаш бил тука за да донесе нешто добро за човештвото.
Инаку, доказ за значајноста на култот кон Архангел Гаврил е и тоа што неговата фреска била застапена и во манастирот Св. Ѓорѓи од Курбиново, која била насликана во XII век, а нејзината репродукција е застапена на банкнотата од 50 денари.
Б. С. Б. | Црнобело