Браво! Каратистката Михаела (18) од Тетово се врати со сребрен медал од ЕП, па заблеска на матурската вечер
- Детали
- вторник, 14 мај 2024
Михаела Мишовска ѝ донесе сребрен медал на Македонија во Европското првенство за карате. Ја победи грчката, но не ѝ хрватската репрезентативка. По големиот успех се врати во Македонија, каде истиот ден ја славеше матурската вечер.
Каратистката Михаела Мишовска (18) од Тетово годинава го имаше својот дебитантски настап во сениорска конкуренција и го освои сребрениот медал на Европското карате првенство кое се одржа во Задар, Хрватска.
На вториот ден од Европското карате првенство за сениори, Михаела, која е член на Карате Клуб Олимпик 2007, Скопје, по четири извонредни мечеви се пласира во финалето на европското првенство категорија: Кумите сениори (женски) до 50kg.
Нашата каратистка во првиот меч против репрезентативката на Италија, Петфето Ерминиа, победи со резултат 7:7 по постигнато водство со сеншу (прв освоен поен).
А, втората победа ја освои над репрезентативката на Грузија, Васаде Мариами, со резултат од 5:4.
Во третиот меч славеше против Амос Корал од Израел до резултат од 2:2.
По судиското изјаснување на нерешениот резултат, борбата заврши со 3:2 во корист на нашата Михаела. За влез во финалето славеше убедлива победа над Тзилиа Елени од Грција со водство од 4:1.
Во финалниот меч загуби од хрватската репрезентативка и неколкукратна освојувачка на одличја од меѓународните натпревари Сгардели Ема.
По враќањето во Скопје во раните утрински часови, имаше срдечен и топол пречек од клупските другари, семејството, роднини и нејзини пријатели, а денот го заврши со славење на матурската вечер.
Од фотографиите објавени на Инстаграм може да се види дека Михаела за матурската вечер избрала златен фустан и сребрени сандали со високи потпетици.
Погледнете уште неколку фотографии од пречекот на Михаела и од прославата во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело