Милена од Прилеп со двете деца маскирана во „мајка на змејови“ за Прочка: „Се спремавме од декември“
- Детали
- вторник, 19 март 2024
„Беше предизвик да го убедам поголемиот син, бидејќи сакаше да биде Спајдермен, но го запознав со моќите на змеј и влезе во улога“ – Милена од Прилеп за CRNOBELO.com открива детали за маската и фотосесијата инспирирана од Game of Thrones, по повод Прочка.
По повод празникот Прочка, во Прилеп, но и други македонски градови, локалците се маскираат, а една од хит маските за оваа година ја има Милена Северкоска Наумоска.
31-годишната прилепчанка на Инстаграм објави фотосесија направена во околината на вештачкото езеро во Прилеп, каде позира заедно со двата сина Иринеј (3 години) и Исак (7 месеци), во улога на „мајка на змејови“.
Маската е инспирирана од ликот Денерис во серијата Game of Thrones, која е мајка на 3 змејови, па Милена се шегува дека ѝ недостасува еден, но сепак маската е успешна.
ликот на Денерис (мајката на змејови) во Game of Thrones
За CRNOBELO.com таа открива повеќе детали околу идејата за маската и реализацијата:
„Околу маската по повод Прочка можам да кажам дека беше доста голем предизвик, посебно да го убедам Иринеј (3 години) бидејќи како секое момче тој сакаше да биде суперхерој, па така морав да обезбедам и маска Спајдермен за план Б, но со разговор и запознавање на тоа што е змеј и какви моќи има змејот и малку имагинација, успеав да го убедам да биде среќен и да се внесе во улогата.
Јас како љубител на овој ден, можам да кажам дека се радувам повеќе од сите деца. Секогаш сум се маскирала и секогаш сум се трудела да биде нешто уникатно, меѓутоа оваа маска ми е најуспешна, иако ќе беше супер ако успеев да го убедам и сопругот да се маскира.
Идејата за маската ми е од Пинтерест, со оглед на тоа дека сум фан на серијата Game of Thrones, лесно ја одбрав, иако ми фали еден змеј.
Со избор на маска мислам дека почнав уште во декември за да имам време да ја реализирам, и да ги нарачам костимите.
Костимите ми ги изработи мојата драга пријателка Мариче, на која ѝ е професија шиењето и е одлична во тоа.
Таа се погрижи да ја реализира мојата желба во целост од барање на материјали до детали на изработка, благодарна сум ѝ за сè.
За сликите да изгледаат така како што изгледаат се погрижи мојот сопруг Влатко, кој секогаш има одлично око за фотографија. Направени се во пределот на вештачкото езеро во Прилеп.
За маската имав само позитивни коментари и сите беа воодушевени од тоа како сме ја доловиле истата“.
Повеќе фотографии од маската:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело