Германецот Финн се заљуби во Прилеп: „Маркови кули се како сцена од Star Wars, некој ми го платил кафето без да знам“
- Детали
- сабота, 08 март 2025
„Се искачив до тврдината стара 600 години, која личи како да е од светот на фантазијата. Погледот на Прилеп одовде е луд. Можеби е до мене, но карпите се неверојатни. Овде горе имам чувство како да сум во Star Wars - навистина ми личи како сцена од филм“ - вели Финн, момчето од Германија кое 2 години живее кај нас.
Германецот Финн Ваттчов, кој е менаџер за маркетинг на социјалните медиуми, веќе две години живее во Македонија.
Тој вели дека ова е најубавата земја што некогаш ја посетил. А бидејќи се почувствувал како дома, решил да се пресели во Скопје.
Финн дури и посакува еден ден тука да изгради куќа и да основа семејство.
Во меѓувреме, патува низ земјава и ги истражува градовите и селата кои не ги видел претходно, но често се враќа и во местата кои му се омилени.
Овој пат, Финн на својот Инстаграм објави видео од неговата прва посета на Прилеп и Маркови кули и не го криеше своето воодушевување.
„Дали ја знаете оваа тврдина? Лудо место! Едвај чекам пак да го посетам Прилеп“ - пишува во описот на видеото.
Тој вели дека самата локација го потсетува на сцена од научнофантастичен филм:
„Се искачив до тврдината стара 600 години, која личи како да излегла од светот на фантазијата. Погледот на Прилеп од горе е луд. Можеби е до мене, но карпите се неверојатни.
Овде горе имам чувство како да сум во Star Wars - навистина ми личи како сцена од тој филм.
За до врвот треба да поминам долг пат. Знаете ли дека Македонија е една од европските држави со најмногу планини? Каде и да се завртите, гледате планина!
Сонцето заоѓа, пред мене се остатоците од тврдината, и извинете, ама ако ова не изгледа како сцена од филм, тогаш не знам што би изгледало така.
Морам да кажам дека луѓето во Прилеп се многу пријатни. Утрово седев во кафетерија, а некој ми го платил кафето.
Сакав да си платам, но некој веќе го направил тоа. Сите се фини, отворени. А и природата - како да не е од овој свет.
Никогаш нема да заборавам кога возев покрај Прилеп, кога се враќав од Битола и ги видов карпите на планината.
Си помислив дека не ја знам оваа Македонија, а живеам тука веќе 2 години. Не знаев дека постојат вакви места“, вели тој.
Финн потоа им препорачува на своите пријатели и следбеници да ги посетат Прилеп и Маркови кули.
Погледнете го видеото:
Прочитајте и: Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија - се заљубив во земјата и се преселив тука“
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





