Слаткар отворено за говорната маана: „На 2 години бев оставен сам во болница – кога ме зеле сум почнал да д’ткам“
- Детали
- вторник, 12 март 2024
„Едноствено уште како дете сум стравувал дека нема да можам да го кажам тоа што го мислам и сум нашол совршен начин тоа да го запишам со склопување на мислите на хартија“ - Слаткар за првпат јавно раскажа како кај него се создала говорната маана и како тој проблем успеал да го сврти во сопствена корист.
Марко Маринковиќ Слаткар гостуваше во поткастот на нашиот најпознат јутјубер, Стефан Лазаров, каде зборуваше отворено на повеќе теми, меѓу кои и проблемот поврзан со пелтечењето и проблемот со говорот што ги имал уште како мал.
Слаткар нагласува дека неговата формула за 20-годишниот успех на македонската музичка сцена е тоа што бил опседнат со тоа што го работи, но и тоа што музиката и римите му биле единствен начин да се справи со сопствените лични проблеми.
„Јас сум имал личен проблем и проблем со самиот говор. Мене единствено бегство ми било тоа пенкало и тоа склопување на мислите на хартија да звучат фино, затоа што јас не сум можел да ги изустам.
Мене самото пишување ми е како одбранбен механизам за да можам јас да го кажам тоа што го мислам, а тоа да не е кажано со, модерно речено, ’багување‘.
Едноствено уште како дете сум стравувал дека нема да можам да го кажам тоа што го мислам и сум нашол совршен начин тоа да го запишам и да го направам тоа интересно ставајќи му рима“ – вели Слаткар.
Тој нагласува дека имал многу незгодни ситуации заради својата говорна маана и дека тоа му било голем проблем, особено во периодот кога бил дете и бил незрел.
„Тоа беше време каде што немаше многу закони, ни правила. Сум имал проблем, но јас сум бил такво дете што сум ги решавал лесно.
Но, има деца што не знаат како да ги решат тие проблеми и тие деца проаѓаат многу тешко“ – вели тој и додава дека е неопходна едукација на сите нивоа за да им се помогне на оние што се соочуваат со такви и слични проблеми.