ДНК собраа 690.000 денари од лицитацијата на Златната Бубамара за лекување на Леонид
- Детали
- понеделник, 26 февруари 2024
„Митрески Кирче од Охрид за 250.000 денари ја доби статуетката од Златна Бубамара. Но Филип Патриклиски кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), сепак решија парите да ги донираат за Лео“, напишаа Панчо и Андреј и открија дека собрале 690.000 денари на аукцијата.
Откако на 22.02.2024 ДНК и Врчак добија Златна Бубамара за Хит на годината за песната „Посреќна“, тие веднаш се приклучија кон хуманитарната акција која ја сплоти Македонија - својата статуетка ја дадоа на хуманитарна лицитација, а најавија дека парите ќе ги донираат за лекувањето на Леонид Индов во Австрија.
Лицитацијата траеше четири дена, а се одвиваше јавно преку Инстаграм профилот на Панчо, каде што секој што сакаше, можеше да наддава за престижната статуетка.
Откако добија понуда од 100.000 денари од Македонец кој живее во САД, а потоа и 200.000 од македонска компанија, тие лицитацијата ја завршија со 250.000 денари, понуда од Митрески Кирче од Охрид, за кого Панчо кажа дека нема социјални мрежи, а дека понудата е во име на неговата компанија „Топлина“.
„Драги наши. И официјално заврши лицитацијата за помош на Лео, преку која наградата Златна Бубамара на популарноста заврши во рацете на Митрески Кирче од Охрид кој ја даде најголемата понуда во износ од 250.000 денари.
Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе.
Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Филип Патриклиски кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Еклектик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео.
Со ова, тоталната сума изнесува неверојатни 690.000 денари, со што Македонија уште еднаш покажа дека е хумана нација, и нација со огромно срце“, напишаа ДНК на Фејсбук.
Ова е втора Златна Бубамара која ДНК ја става на лицитација. Минатата 2023-та година тие парите собрани од продажбата на статуетката ги донираа во фондацијата „Марко Божиновски“.
Прочитајте и ДНК за Леонид: Втора година по ред ја ставаат статуетката од Златна Бубамара на лицитација
А. Ј. | Црнобело