„Поканив 75 луѓе на забава дома, дојдоа 150“: Кој им бил најубавиот дочек на Нова година на познатите Македонци?
Иван Наумовски, оперски пејач
„2016-та ја дочекав во домашна атмосфера кај еден од моите двајца најдобри другари. На едниот веќе му бев кум, а на овој другар каде што славев, неодамна ме побара за кум и, секако, со задоволство прифатив.
Таа Нова година беше посебна затоа што спонтано се собравме другари и другарки од истото маало, односно другари од детството.
Ние сите таму знаевме сè што требаше да знаеме еден за друг и уживавме во таа вечер токму поради тоа што се прифаќавме со сите мани.
Прекрасен дочек исполнет со смеа, танц, шоу, смешки, пеење и, секако, мезе и пијачка.
Тој дочек ми е посебен, иако имам неколкупати настапувано во операта во Грац за Нова година, како и на концерти во Виена. Но, ништо не може да го победи дочекот со блиските“.
Илариа Кирилов, модел
„Не сакам да се враќам на она што поминало, живеам во овој момент и тоа е за мене важно. Знам дека сакам топла атмосфера, драги луѓе, убава храна и одбрана музика - компоненти кои прават убаво расположение.
Многу ми се допаѓа дневната забава, која всушност ја подгрева празничната атмосфера, градот е полн со луѓе. Сите се добро расположени и насмеани.
Во очекување на овој убав празник ги праќам моите најубави желби за среќна и успешна Нова 2024-та и незаборавно расположение во новогодишната ноќ“.
Даниел Данн, пејач
„Сум имал многу убави новогодишни вечери на кои со задоволство се сеќавам. Некои од нив биле работни, а некои сосема лабави во домашна атмосфера, но со луѓе кои ги сакам.
Различно е секако, но мора да признаам дека како созревам, така сè помалку ѝ давам значење на новогодишната ноќ како на некој важен момент, особено што за нас, музичарите, важи муабетот дека секој викенд во текот на целата година може да ни е исто толку забавен, а можеби и повеќе.
Ама еве, ќе го издвојам настапот во еден луксузен објект на Копаоник за дочекот на 2018-та година.
Посетеноста и забавата беа одлични, но поважно е што самата локација нудеше идилична атмосфера. Додека пеев паѓаше снег кој се гледаше од големите прозорци и за мене тоа беше доволно да ми остане во сеќавање како една бајковита, филмска сцена“.
Симона Поповска, пејачка
„Тешко е да изберам најубав момент, но еден од незаборавните дочеци на Нова година беше можеби дочекот на оваа што ни изминува, 2023-та, бидејќи првпат не ја дочекав на бина и бев заедно со семејството и пријателите. Добра храна, смеа и радост…
Заедно ја броевме претходната година, споделувајќи моменти од нашите животи и се смеевме на сите забавни случки. Го прославивме доаѓањето на Новата година со многу енергија и оптимизам за она што следува.
Оваа блискост и радоста на сите остави длабок впечаток и тоа е момент што го чувам со посебна топлина во срцето, посебно и поради моите два сина кои ми ги обележаа последните 2 години“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело