Христијан ја запроси Џесика пред црквата Св. Јован – Канео во Охрид: „Тргнавме на прошетка и да запалиме свеќа“
- Детали
- вторник, 26 декември 2023
„Христијан ме запроси кога никој не очекуваше. Сите мислеа дека ќе ме запроси кога одевме на одмори, но сепак, тој се одлучи овој чин да го направи во нашата земја кога никој не очекува“ – открива за CRNOBELO.com Џесика Босилковски на која свршеникот ѝ приреди магично запросување пред црквата Свети Јован – Канео во Охрид.
Битолчанката Џесика Босилковски долго ќе го помни денот кога со нејзиниот сакан Христијан Ѓорѓиевски тргнале на прошетка до црквата Свети Јован – Канео во Охрид, каде требало да запалат свеќа.
Наместо обични фотографии со црквата во заднина, ова ќе бидат фотки во семејниот албум кои ќе бидат сеќавање на магичното запросување што тој го приредил.
Џесика Босилковски (24) е родена во Австралија, но од мала живее во Битола, а нејзиниот сакан Христијан Ѓорѓиевски (27) е од Демир Хисар, a работи во Кичево.
Тие двајца се во врска 8 години, а за читателите на CRNOBELO.com, Џесика открива колку била изненадена кога нејзиниот сакан одлучил да клекне на едно колено и да ја побара за сопруга.
Таа вели дека тој одлучил да го постави важното прашање тогаш кога никој не се надевал.
„Христијан ме запроси кога никој не очекуваше. Бидејќи сме биле на одмори и сме шетале. Пример во Будва во Херцег Нови, потоа на Манастирот Острог, како и на други манастири и цркви низ Македонија, па во Грција.
И сите очекуваат кога си на одмор да падне и прстен. Но, еве немаше ништо сѐ до овој момент.
Но, сепак тој се одлучи овој чин да го направи во нашата земја кога никој не очекува“ – вели таа.
Џесика раскажува како се одвивал самиот чин на запросување и не крие колку била изненадена.
„Во вторник вечерта Христијан ми рече дека во среда утрото ќе одиме во Охрид со друштво за да земеме некои документи и да се прошетаме. Среда во 10 часот тргнавме во Охрид.
Кога пристигнавме таму, се паркиравме во центар и се движевме пешки покрај кејот на Охридското Езеро и потоа на плоштадот. Во меѓувреме Христијан ми рече да седнеме на кафе јас и другарка ми, а тoj со другарот ќе оди за го земат документот“ – раскажува Џесика.