Анди Исмаили (14) од Гостивар со својот совршен танц го расплака жирито во хрватско талент шоу и влезе во финалето
- Детали
- вторник, 12 декември 2023
Трикратниот светски шампион во балет, 14-годишниот Анди Исмаили од Гостивар, повторно го покажа својот неверојатен талент и влезе во финалето на хрватското шоу „Supertalent“.
Младиот танчар Анди Исмаили од Гостивар повторно е топ тема во хрватските медиуми откако влезе во финалето на шоуто Supertalent на Nova TV.
Тој танцуваше на песната „Skyfall“ од Адел, испеана за филм од серијалот за Џејмс Бонд.
Анди предизвика огромни овации во публиката, а повторно успеа да ја расплаче Мартина Томчиќ, која е член на жирито и која не го крие воодушевувањето од талентот на 14-годишното момче од Македонија.
„Skyfall е моето омилено соло без конкуренција. Оваа кореографија засекогаш ќе има посебно место во моето срце“, стои во објавата на Инстаграм профилот на Анди.
Тој објави дел од кореографијата со која влезе во финалето на шоуто.
Во полуфиналната емисија, тој доби златен тастер од Томчиќ, која тогаш кажа дека Анди има неверојатен талент.
Анди е трикратен светски шампион во модерен балет и за него велат дека танцува како да лебди.
Тој, пак, не крие дека би сакал еден ден да се пресели во Лос Анџелес за да снима филмови и да танцува.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело