10-годишно момче од Куманово си доби дрес од голманот на македонската репрезентација: „Ќе го заменам Столе кога ќе пораснам“
- Детали
- петок, 24 ноември 2023
„Кој чека, ќе дочека. На среќата ѝ нема крај“, напиша на Фејсбук таткото на Сергеј, момчето кое го доби дресот од Столе Димитриевски, а чиј сон е еден ден да го замени македонскиот репрезентативен голман.
Сергеј Цветковски (10) е момче од Куманово кое сонува да биде успешен голман како својот сограѓанин, Столе Димитриевски, па кога ќе порасне да дојде на негово место и да стане голман на македонската фудбалска репрезентација.
Сергеј, заедно со својот татко Оливер, беше на трибините во Скопје на 20 ноември, кога Македонија одигра 1:1 против Англија.
Тој со себе носеше транспарент на кој напиша „Столе го чекам твојот дрес“.
На крајот, Сергеј имаше среќа да го добие дресот од голманот на репрезентацијата, кој освен за Македонија, брани и за Rayo Vallecano, од Мадрид, Шпанија.
„Кој чека, ќе дочека. На среќата ѝ нема крај. Фала до небо Столе Димитриевски“, напиша таткото на Сергеј на Фејсбук и објави фотографија од својот син кој го држи дресот.
На фотографијата се гледа и исечок од весник со наслов „Кога ќе пораснам ќе го наследам Столе Димитриевски“ – изјава на малиот Сергеј.
Момчето од Куманово брани во локалниот клуб „Еуроспорт“, а според пишувањата на македонските спортски медиуми, тој заедно со уште две дечиња од клубот, веќе бил на проба во српскиот гигант „Црвена ѕвезда“.
Кој чека, ќе дочека 👕 на среќата и нема крај 🎉 фала до небо Stole Dimitrievski ⚽ #dreamscometrue #голманскареволуција 🇲🇰
Posted by Oliver Cvetkovski on Wednesday, November 22, 2023
А. Ј. | Црнобело