Застрашувачко истражување на „The Guardian“ - Воздухот во Македонија е најзагаден во Европа
- Детали
- четврток, 21 септември 2023
„Најлошо погодена земја во Европа е Македонија. Речиси две третини од луѓето во државата живеат во области каде што загадувањето на воздухот е четирипати повисоко од границите на СЗО, додека четири области имаат шестпати поголемо загадување, вклучувајќи го главниот град Скопје“, пишуваат од The Guardian.
Загадениот воздух е проблем кај нас веќе неколку години наназад, кој само се влошува со почнувањето на грејната сезона.
Но, истражување од The Guardian покажува дека Македонија има најзагаден воздух во Европа, дури и кога не е грејна сезона.
Всушност, истражувањето покажува дека цела Европа е изложена на ризик бидејќи загадувањето на воздухот ги надминува границите на Светската здравствена организација (СЗО).
Анализата се фокусира на загадување со таканаречените ПМ честички во воздухот кои го зголемуваат ризикот од бројни здравствени проблеми како болести на срцето и астма.
Од разни извори, била анализирана просечната концентрација на ПМ честички во воздухот на годишно ниво.
Од The Guardian истакнуваат дека Европа се соочува со сериозна здравствена криза бидејќи 98% од населението живее во области со многу загаден воздух.
„Најлошо погодена земја во Европа е Македонија. Речиси две третини од луѓето во државата живеат во области каде што загадувањето е четирипати повисоко од границите на СЗО, додека четири области имаат шестпати поголемо загадување, вклучувајќи го главниот град Скопје“, пишуваат од The Guardian.
Генерално, состојбата во Источна Европа е полоша отколку во западниот дел на континентот.
Според СЗО, годишната концентрацијата на ПМ честички не треба да изнесува повеќе од 5 микрограми на метар кубен годишно. Како што спомнавме, во Македонија овој број е четирипати поголем.
На веб-сајтот е споделена и интерактивна мапа која го покажува нивото на загаденост на воздухот во Европа која можете да ја видите ТУКА.
На мапата во табот Search for a place and hit enter можете да го впишете кој било град од Македонија за да ја видите состојбата со загадувањето.
Мапа што ја покажува просечната концентрацијата на ПМ честички на кубен метар
Главните фактори кои придонесуваат за зголемувањето на концентрацијата на ПМ честичките се сообраќајот, индустријализацијата, загревањето на домовите и агрикултурата.
Загадувањето на воздухот е сериозен проблем во целата Европа, а наводно се работи на тоа да се намали во нормални граници до 2035 година, барем во земјите од Европската Унија.
Сепак, експертите стравуваат дека се доцни со преземање мерки бидејќи луѓето веќе ги чувствуваат последиците.
Дел од најважните наоди во истражувањето споделени на The Guardian:
- Скоро сите жители на седум држави во источна Европа – Србија, Романија, Македонија, Полска, Словачка и Унгарија – двојно ги надминуваат границите на СЗО.
- Над половина од населението во Македонија и Србија живее на места кои се четирипати позагадени од границите на СЗО.
- Речиси 30 милиони европејци живеат во области загадени со ПМ честички барем четирипати над границата на СЗО.
- Во Шведска нема област каде што загадувањето е повеќе од двапати повисоко од границата на СЗО, додека некои области во северна Шкотска се дел од малкуте места каде што загадувањето е под границата на СЗО.
Спирова С. | Црнобело
фото: depositphotos.com