Славчо Попоски, метеоролог: „Снежен бран во Македонија – врнежи од снег и на пониските места“
- Детали
- четврток, 19 декември 2024
„Од сабота, а особено во почетокот на следната седмица, врнежи од снег ќе има во најголем дел од Македонија, и истите ќе бидат обилни, па снежна покривка ќе се формира на многу пониски места“, вели Славчо Попоски за претстојниот период.
Досега имавме неколку снежни денови, но главно на повисоките места.
Сепак, од наредната недела можеме да очекуваме снег во поголемиот дел од Македонија, вклучително и пониските места, односно градови.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за претстојниот период:
„Под влијание на многу ладен циклон и низок воздушен притисок, секако поврзан со студена воздушна маса од север, од утре попладне (20 декември) па сè до 24 декември, во Македонија ќе има пообилни врнежи, кои најпрво на пониските места ќе бидат од дожд, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег.
Снежната покривка на планините и на скијачките центри значително ќе се зголеми, и таа до 24 декември во вечерните часови локално ќе изнесува близу 100 сантиметри, особено на поголеми надморски височини.
Поради веќе споменатиот продор на многу поладен воздух од север, од сабота, а особено во почетокот на следната седмица, врнежи од снег ќе има во најголем дел од Македонија, и истите ќе бидат обилни, па така снежна покривка ќе се формира на многу пониски места (градови).
Во источните предели ќе се формира снежна покривка со висина од 5 до 10 сантиметри, локално и повеќе, додека во западните предели таа ќе биде најголема и ќе биде со висина од 10 до 20 сантиметри, а понекаде и над 30 сантиметри.
Помала снежна покривка се очекува да се формира и во Скопје и околината.
Сето ова ќе биде проследено со засилен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 65 километри на час).
Што се однесува до температурите, тие од овој викенд значително ќе опаднат, а дополнително опаѓање се очекува од понеделник па натаму.
Минималните температури на воздухот на многу места во Македонија ќе бидат под нулата, додека максималните температури исто така на многу места ќе се задржат до околу, понекаде и под нулата.
Да напомнам дека поради силниот ветер кој се очекува да дува, се очекува појава и на снежни наноси, особено на повисоките и на планинските места, како и на скијачките центри.
Со оглед на ваквата временска состојба, доколку патувате кон планинските превои, препорачувам да бидете крајно внимателни како управувате со своите возила, и тоа поради очекуваните обилни снежни врнежи и големата снежна покривка која се очекува.
Од овој голем снежен бран секако ќе биде зафатен најголем дел од регионот, па така конечно, после многу години, католиците ќе имаат бел Божиќ, односно Божиќ со снег“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com