На 40 степени е најубаво да се разладиш на Матка - скопјани уживаат на пикник и капење во Треска (фото)
- Детали
- среда, 02 август 2023
Постојат три периоди во годината кога Матка е омиленото место на скопјани – за 1 мај, 2 август и на лето кога температурата ќе се приближи на 40 степени, па во градот не се дише. Токму тогаш го менуваат жешкиот асфалт со пријатниот воздух на живописниот кањон.
Иако најжешкиот бран помина, температурата и понатаму е близу 40 степени, а тоа беше доволна причина и јас, како многу скопјани да „побегнам“ на Матка за да се разладам.
Tаму ме дочека глетка која е вообичаена за ова време од годината – стотици паркирани автомобили, полиција која го регулира движењето на возилата, десетина фрижидери за сладолед и вода (која чини 50 денари), печени пченки и многу, многу гужва.
Едни дојдени на пикник, други да испијат кафе и да избегаат од градската жештина, трети да пливаат во студената Треска или да возат кајак.
Дури и со целиот тој хаос од автомобили и луѓе, кањонот Матка е омиленото прибежиште на скопјани.
А и како не би бил, кога нуди буквално сè – чист воздух, температура за неколку степени пониска од онаа во градот, можност за пешачење низ кањонот, за возење кајак или некоја тура со бротче.
И секојпат оваа глетка ме враќа во детството, кога со родителите доаѓав на пикник или скара, кога со сестра ми нè караа да не влегуваме во студената вода со многу струи, а ние се правевме дека не ги слушаме и им враќавме:
„Ама, ќе влеземе само до колена, на првата скаличка“.
Денес некои други деца се капеа во студената вода, скокаа од мостовите и се сончаа покрај брегот на Треска.
Некои други родители правеа скара и организираа пикник. Па, заедно создаваат спомени за кои ќе зборуваат во иднина.
А јас со насмевка ги гледав како се довикуваат, како се смеат, како на +40 се разладуваат на моето омилено место од детството.
Им се восхитував и на нив, но и на странците кои слушнале или прочитале за Матка.
Повеќето, верувам беа тука првпат, бидејќи не го криеја своето воодушевување од ова уникатно место.
„Каков поглед. Прекрасно е. Ајде и тука да ме фотографираш. Ќе одиме до пештерата Врело?“ - ги слушав коментарите на туристите.
Па и јас го направив истото - се фоткав, зедов едно кафе за носење и тргнав на тура со бротче за да дишам со полни гради додека се возам низ кањонот...
Бидејќи, дури и со сите гужви и сообраќаен хаос, Матка е едно од моите омилени места за опуштање.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: А. Ј.