Бајковита свадба во Скопје со тема „мала Италија“, уникатни детали и олдтајмер со отворен покрив (фото)
- Детали
- четврток, 13 јули 2023
„Уште одамна знаевме дека ќе се заколнеме на вечна љубов, но до овој момент сакавме да искористиме што повеќе да шетаме и да го видиме светот и сега дојде мигот и ни се случи магија. Замислата беше интимна свадба, темата беше „мала Италија“, а се случи во скопска винарија“, споделува Никица Ацева Стојанов (26) за CRNOBELO.com.
Никица Ацева Стојанов (26) e дипломиран маркетинг-менаџер од Скопје и активно се занимава со блогерство 4 и пол години, а на нејзиниот профил опфаќа разни содржини меѓу кои, мода, животен стил, патувања и многу други.
Дамјан Стојанов (26) е дипломиран менаџер за односи со јавноста и меѓународен маркетинг менаџмент од Скопје, фотографијата му е прва љубов и хоби, со кое ја придружува сопругата во нејзината Инстаграм приказна.
Парoт веќе извесен период живее во Германија, а нивната љубовна врска неодамна беше крунисана со брак во Скопје.
Никица споделува детали за нивната бајковита свадба за CRNOBELO.com:
„Со Дамјан сме во врска 5 и пол години, од кои веќе 3 години живееме заедно.
Уште одамна знаевме дека ќе се заколнеме на вечна љубов, но до овој момент сакавме да искористиме што повеќе да шетаме и да го видиме светот. Оваа година беше дефинитивно наша!
Ме запроси на 12-ти септември претходната година, со тоа што првично било планирано на 10-ти, бидејќи тоа е нашиот датум, но времето ги променило плановите.
Нашите семејства беа „случајно“ дојдени кај нас на гости и тоа преубаво попладне ме изненадија во едно шармантно ќоше во стариот дел од градот во Германија кадешто живееме, со уличен музичар кој ја пееше нашата омилена песна, а потоа луѓето што глумеа публика одеднаш почнаа да играат салса и така се вклучивме во еден флеш моб и сè беше навистина магично.
Кога заврши музиката останаа само нашите емоции, тој ме праша дали ќе се омажам за него и јас најгласно му кажав „да“ на човекот од моите соништа.
На 10-ти март направивме претсвадбена фотосесија, пак тука во Германија. Сакавме да биде нешто уникатно, модерно, а сепак безвременско.
За тоа се погрижија фотографите Кокан Палашев и Крсте Шупев, односно „You and Me“ студио од Велес, кои ни ги исполнија сите очекувања.
Свадбата ја направивме во Скопје со одбран круг, нашите најблиски 90-тина гости.
Замислата беше интимна свадба, но со многу љубов и многу голема журка. Темата беше „мала Италија“, па затоа ги одбравме лозјата на Камник, како совршена слика за нашиот концепт.