Дац и Александар за CRNOBELO: „Запознавме човек кој до денес се кае што не ја земал за жена својата најголема љубов – таа сега е мажена за друг“
- Детали
- среда, 28 јуни 2023
„Тој бил богат, а таа сиромашна - два различни света, а љубов голема. Човекот е жив, но мртов е одвнатре, седнавме случајно и ми се отвори. Не може да си ја прости грешката што не ја зел љубовта на неговиот живот, која денес е мажена и има деца и внуци“, открива Дац за CRNOBELO.com за реалната приказна, која била инспирација за новата песна што ја сними со Александар Митевски - „Срце на робија“,
На 21 јуни (среда) со првиот ден на летото, Александар и Дац го промовираа својот најнов сингл, баладата „Срце на робија“ која доаѓа година и пол по нивниот последен хит „Душа бакшиш“.
Музиката и текстот ги напиша Александар Митевски, а аранжманот и продукцијата се дело на Бобан Василески.
Песната е снимена комплетно во живо во студиото на Митевски (тапани – Владимир Икономов Хистер, гитари Бобан Василески, бас – Ташко Грујовски, гудачи – Владимир Крстев) и веќе е хит на неделата на повеќе радиостаници низ Скопје и Македонија.
Моментално се промовира во секој град на нивната летна турнеја која ќе трае до средината на септември.
Приказната која се крие зад „Срце на робија“
Дац признава дека зад оваа песна се крие вистинска приказна:
„Оваа приказна е скоро иста како онаа за 'Васа Ладачки', но ова е наша верзија за една љубов од едно наше маало. Тој бил богатиот, а таа сиромашна - два различни света, а љубов голема.
Човекот е жив, но мртов е одвнатре, седнавме случајно и ми се отвори. Ми ја раскажа приказната за неговата голема љубов.
Не може да си ја прости грешката што не ја зел љубовта на неговиот живот, која денес е мажена и има деца и внуци.
Тој ја оставил својата жена со која за жал не можел да има пород. Времето не може да го врати и сега животот го живее во кафеана и уште ја мисли загубената љубов.
Кога ја слушна песната готова, ми рече: 'Ова е мојата песна, точно сте ја фатиле приказната. Поздрави го Александар и кажи му дека е гениј'.
Ти благодариме С.К. што ни ја подари својата душа! Веруваме дека секој ќе се пронајде во оваа приказна“.
Спотот е направен со помош на вештачка интелигенција
Дац и Александар за потребите на оваа песна објавија анимирано видео направено со помош на вештачката интелигенција, но, како што велат, овојпат „искористена за љубов и сликање чувства“.
Нивната креативна екипа со помош на AI алатките и модерните софтвери со вештачка интелигенција, ја отсликаа секоја сцена и секој стих од песната со комплетна уметничка приказна која е придвижена.
Спотот се работеше интензивно цел месец и е прв од ваков вид кај нас, а оние кои го погледнаа се навистина воодушевени од визуализацијата на песната „Срце на робија“
Како песната да дојде до срцето на публиката?
Популарното „боемско дуо“ вели дека песната еднаш се раѓа кога ќе се напише, а вторпат повторно се раѓа кога ќе се пее со публиката.
Овие вистински романтичари на сите нивни журки низ Македонија деновиве ја промовираат песната на интересен начин.
Имено, пред првата изведба, на публиката ѝ се делат летоци со текстот од песната, па во одреден момент се прави вистинско караоке во кое тие заедно хорски со публиката ја пеат „Срце на робија“.
На нивните настапи Александар и Дац секогаш повикуваат на гости познати имиња од светот на музиката кои оставиле траен белег во музиката, па така со нив заедно запеаја и Брејк, Росана Сариќ Тодоровски, Жаклина Стефковска, Благој Нацоски, Јаков Дренковски, Драган Мијалковски и многу други.
Најавуваат многу нови изненадувања во претстојниот период, а на луѓето ќе им носат љубов и позитивна енергија како што започнаа од периодот на корона пандемијата.
Дац и Александар направија специјален концерт во Драмски Театар во живо посветен на жената за 8 март, на кој настапија со своите пријатели од естрадниот живот.
Наесен го подготвуваат за промоција својот двоен ЦД албум, а нивните секојдневни изведби и настапи може да ги следните на нивната Фејсбук страница.