Кумановец ја запроси девојката „под облаците“ на место со спектакуларен поглед кон Алпите во Швајцарија
- Детали
- вторник, 16 мај 2023
„Претходно немавме разговарано за брак. Но, уште кога тргнавме на пат јас почнав да се шегувам со неа како би било интересно таа мене да ме запроси и во секој град каде што бевме ја терав да ми купи прстен и таа мене да ме побара за сопруг“ - Марио Андонов (26) за CRNOBELO.com раскажа за романтичното запросување на место од 1.322m надморска висина во Швајцарија, со прекрасен поглед кон Бернските Алпи.
Марио Андонов (26) од Куманово повеќе од еден месец планирал романтично запросување во Швајцарија и се надевал дека неговата девојка Наде Тимова (26) од Кратово нема да дознае ништо до моментот додека тој не клекне пред неа за да ја побара за сопруга.
Марио и Наде се заедно веќе 5 години. Се запознале на факултет, каде што биле колеги на ист смер, и таму почнала нивната љубов.
Тие пред неколку месеци почнале да планираат патување низ Европа, а еден месец пред да тргнат, тој посакал да ја запроси на некоја романтична локација, иако не бил сигурен каде ќе го направи тоа.
За CRNOBELO.com Марио ја раскажа нивната љубовна приказна:
„Бидејќи и двајцата имавме желба да правиме турнеја низ Европа, ова беше договорено и планирано неколку месеци претходно.
Во целото планирање, 1 месец пред тргнување добив чувство дека сакам да ја запросам и бев сигурен и убеден дека ова е вистинска прилика за такво нешто. Патувавме во Загреб, Плитвички Езера, Риека, Верона, Милано и како за крај ни остана Швајцарија.
Претходно немавме разговарано на оваа тема. Но, уште кога тргнавме на пат јас почнав да се шегувам со неа како би било интересно таа мене да ме запроси и во секој град каде што бевме ја терав да ми купи прстен и таа мене да ме побара за сопруг.
На екскурзијата тргнавме „без компас“, не знаевме каде одиме освен на Плитвички Езера во Хрватска и во Цирих, Швајцарија, каде што живее мој близок пријател. И јас бев сигурен дека ќе ја запросам на едно од тие места.
Како ги разгледувавме местата на кои ќе одиме, го видов Интерлакен (Хардеркулм), и сфатив дека е прекрасно и веднаш одлучив дека таму ќе ја запросам.
Ова место во Швајцарија е на висина од 1.322 m со поглед на градовите Интерлакен и Унтерсен, а нуди поглед до широките врвови на Бернските Алпи.
Местото е воодушевувачко и искрено пресреќен сум што запросувањето се случи токму тука, бидејќи е навистина незаборавно искуство.
Имав позитивна трема пред да клекнам да ја побарам за сопруга, мислам дека секое машко пред клекнување има трема, што е нормално. Тоа е момент што не може да се опише со зборови.
Инаку, прстенот го избрав сам неколку дена пред да тргнеме, и точен ѝ е.
Наде беше многу изненадена, искрено не ни помислила дека тогаш ќе ја запросам, бидејќи јас успешно го криев тоа до крај. Во моментот кога клекнав почна да врне дожд и беше убаво и романтично.
Инаку, нè сликаше мој добар другар кој живее во Швајцарија, тој беше со нас и ми помогна да го кријам прстенот и да го смислам целиот план.
Нашата екскурзија заврши со среќен крај и е почеток на едно ново поглавје за нас двајцата“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело