„Треба да ослабеш, ти препорачувам операција на желудник“ – Македонската шминкерка Фрози Фран одговори на бизарниот совет од клиентка
- Детали
- понеделник, 10 април 2023
„Мислам дека треба малку да ослабеш, штета таа убавина со вишок кила. Ако си заинтересирана за кратење желудник, обрати ми се. Стварно нема никакви последици. Со диети е споро и тешко, башка сега си мајка“ – гласи бизарната порака која нашата шминкерка Фросина ја добила на Инстаграм. Како таа одговори на овој коментар и покажа дека не секој има право да се меша во туѓите животи?
Македонската шминкерка Фросина Ангеловска, позната како Фрози Фран, со своите 13 илјади следбеници на Инстаграм сподели бизарна порака што ја добила од нејзина поранешна клиентка.
Таа изреволтирана од, како што вели, дрскоста на нејзина поранешна клиентка, реши да ја објави непријатната порака што ја доби на Инстаграм, во која жената ѝ вели дека треба да ослабе и ѝ препорачува операција за кратење на желудникот, па јавно ѝ одговори.
„Фросина ти си убава девојка, имам доаѓано порано за на братучед ми свадбата кај тебе на шминкање, и сите од моја фамилија. Мислам дека треба малку да ослабеш, штета таа убавина со вишок кила.
Не е навреда, јас бев 140 кила пред 6 месеци, сега сум 80.
Ако си заинтересирана за кратење желудник, обрати ми се. Стварно нема никакви последици.
Знам ти цел живот се бориш со диети, ама со диети е споро и тешко, башка сега си мајка.
Јас немам ќар од овој совет и од тоа за операцијата што ти спомнав, ама убаво е да подразмислиш.
Не е опасно воопшто, јас сум противник на операции, ама ова не е ништо, буквално осмици кога вадев потешко поминав“, стои во пораката што ја добила Фрози.
Познатата шминкерка реши јавно да ѝ одговори на пораката.
Фросина вели дека е дрско некому да кажеш дека треба да ослабе, но дека се граничи со лудило некому да му препорачаш да се оперира за добар изглед.
„Се имам изјаснето на темава, ама ова има друга цел. Да речеш некому треба да ослабеш е една работа. Секому своето. Има право да мисли така, па и ако има дрскост да ти каже, пак е негова работа.
Ама да речеш некому ’Треба да се оперираш‘, според мене граничи со лудило!!!
Јас сум жена на 35 години, со изграден карактер и став. Ама некое девојче во својата фаза на несигурност може сериозно ќе помисли дека тоа е единствената солуција.
Сериозна операција! И не, не е вадење осмица!
За некој можеби е полесниот пат, ама баш и не е.
Како и секој оперативен зафат сноси милион ризици и трајни последици. Рестрикции. Правила и дисциплина кои мора да ги почитуваш, во спротивно може да е фатална.
Операција на желудник е доживотна обврска!
Режим и вежбање изгледа како потешкиот пат.
Но ако ги ставиш на кантар прос и конс, пре би доживотно да се ставам да бидам на режим кој можам да го паузирам, изменам, прилагодам према тоа како моментално се осеќам, него на принуден режим, пошто ако се прејадам може да ми пукнат шавовите на желудникот и да умрам. Луѓе, опрајте се!!!“, стои во одговорот на Фросина.
Прочитајте и Нашата шминкерка Фрози Фран ужива во Лондон - „типичен“ турист пред Бакингемската палата (фото)
А. Ј. | Црнобело