Почина легендарниот актер Димче Мешковски на 77 години – колегите се збогуваат од него
- Детали
- вторник, 21 март 2023
„Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага... Низ главава ми експлодираат спомени“ – напиша Игор Џамбазов по веста дека легендарниот актер Димче Мешковски почина на 77-годишна возраст.
Македонскиот актер Димче Мешковски почина на 77 години.
Веста за неговата смрт со неверување ја дочекаа колегите актери, пријателите, но и неговите обожаватели, кои преку социјалните мрежи се простуваат од бардот на македонското глумиште.
Фотографии и заеднички приказни за Димче објавија Игор Џамбазов и Весна Бејби, кои се простија од актерот.
„Збогум, драг мој Мешко. Има ли име ова? Оваа тага...
Низ главава ми експлодираат спомени.
Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше. Се гледаме стари...“ - напиша Игор Џамбазов.
„Си замина Мешко. Ќе те памтам по твојата насмевка, твојата воздржаност, огромната љубов кон Марика и твоите две ќерки. Добар татко и одличен глумец. Мешко, баш те сакав. Аплауз и слава ти“, напиша Весна Бејби.
Од Димче Мешковски се прости и водителката на „Брза кујна“, Сања Савевска.
„Небото сега е твојата сцена“, напиша таа покрај заедничката фотографија.
Мешковски е роден 31 октомври 1945 година во Скопје и беше познат театарски, филмски и телевизиски глумец и хуморист.
Публиката го памети Мешковски по легендарните улоги - Тасе во „Викенд на мртовци“, Секула во „Солунски патрдии“, но и улогите со „Женски оркестар“, „Хихирику“ и многу други.
Димче Мешковски глумеше во Драмски театар, каде остварил улоги во многу претстави - „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“, а често се појавуваше и во „Македонски народни приказни“.
Мешковски му го позајмуваше својот глас на Гаргамел во „Штрумпфови“, а познат е и по улогата на Дедо Мраз во новогодишните претстави за деца.
Актерот е добитник на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело.
Тој изминатите години живееше на Флорида, а е татко на познатата македонска пливачка, Наташа Мешковска.
Комеморација во чест на Димче Мешковски ќе се одржи на 28 март во 12 часот, во неговиот матичен Драмски театар.
А. Ј. | Црнобело