По виолетовите медузи, во Грција се појавија медузите познати како „јајце на око“ – дали се опасни? (фото+видео)
- Детали
- среда, 17 август 2022
Бројот на опасните виолетови медузи во грчките мориња значајно се намалува, а се јавува сѐ поголем број на медитерански медузи или познати како „јајце на око медузи“ кои вообичаено живеат во Средоземното Море. Колку овие медузи се опасни?
На Фејсбук страната Live from Greece се објавени повеќе фотографии од медузите кои ги нарекуваат „јајце на око“. Овие медузи се појавиле на повеќе места во грчките мориња, а локалните власти информираат дека појавата на овие медузи воопшто не е ненадејна.
„Бројот на медитерански медузи (Cotylorhiza tuberculata) вообичаено се зголемува во овој период од годината, односно од крајот на јули, па сѐ до крајот на септември“ – вели за Kathimerini.gr Кристос Таклис, биолог и менаџер во Грчката опсерваторија за биодиверзитет.
Медитеранските медузи, или т.н. јајце на око медузи вообичаено се појавуваат во чисти води, се хранат со планктон и во нив се кријат мали риби кои положуваат јајца во нивните пипала.
Прочитајте и Мапа со виолетови медузи во Грција + зошто се опасни и што треба да правите ако ве опече?
За разлика од виолетовите медузи, се смета дека медитеранските се безопасни, односно дека не се опасни за човекот, освен што кај некои лица може да предизвикаат алергии.
Во Грција овие медузи се познати и под името „Salufa“, а треба да се напомене дека освен во Егејското Море, ги има во Средоземното и во Јадранското Море.
Инаку, грчките власти јавуваат дека бројот на опасните виолетови медузи значително опаѓа и дека во последниот период речиси и да не се забележани инциденти со опекување.
Прочитајте и „Бев на одмор во Грција, ме опече виолетова медуза - како ми реагираше телото?“
Б. С. Б. | Црнобело