За еден стих заработила 100.000 евра, живееше во длабока болка по загубата на синот – Факти за Марина Туцаковиќ
- Детали
- понеделник, 20 септември 2021
За еден стих од најпознатата песна на Неда Украден „Зора је“ заработила 100.000 евра. Последните 13 години од животот живееше во длабока тага по загубата на синот Милош (24), а до последните денови од животот се бореше со злокобната болест... Факти за Марина Туцаковиќ, која ја загуби битката со ракот.
Од рок до турбо-фолк... Марина Туцаковиќ во својата кариера како текстописец соработуваше со голем број српски и балкански ѕвезди. Напиша голем број хитови што ќе останат засекогаш запаметени кај балканската публика.
За неа се знае дека кариерата ја започнала на само 19 години.
Како што има кажано и самата, прво се запишала на факултет за Бизнис економија и сакала да стане туристички водич, но благодарение на тоа што во тоа време се дружела со музичари за кои почнала да пишува песни, сфатила дека има талент и за пишување песни.
Првиот голем успех ѝ го донела песната „Додирни ми колена“ што ја отпеа групата Зана. Песната беше објавена во 1982-та година и веднаш стана хит.
Во својата кариера ќе остане запаметена како жената што стои зад голем број хитови на Оливер Мандиќ, потоа зад текстовите на 12 албуми на Цеца Ражнатовиќ, Драгана Мирковиќ, Лепа Брена...
Во 70-ите години младата Марина била во врска 4 години со Оливер Мандиќ, а зад голем број негови хитови стои токму нејзиниот потпис.
Соработувала и со Здравко Чолиќ, Неда Украден, Џеј, Ана Бекута, Сека Алексиќ, Викторија...
Таа исто така ја препеа и песната „Соба за тага“ на Тоше Проески на српски јазик, која беше мошне слушана како кај нашата публика, така и на Балканот.
За нашата публика е позната и по тоа што учествуваше како жири во шоуто „Операција триумф“ каде беше искрена со учесниците, а на Александар Белов му рече дека никогаш нема да биде ѕвезда. На YouTube е достпано видеото каде таа влезе во конфликт со еден од учесниците Никола Сариќ - Сајко.
За тоа колку биле успешни нејзините хитови, говори и фактот што во една прилика го раскажа Неда Украден, која нагласи дека Марина заработила 100.000 евра само со тоа што допишала само еден стих од нејзината песна „Зора је“...
„Песната ја напиша покојниот Ѓорѓе Новковиќ и ние двајца неколкупати се расправавме за самиот наслов на песната. Прво ја насловивме: ‘Јоване, зора је’, па, ‘Милане, зора је’. Последната и конечна верзија е ‘Зора је’.
На крајот ја повикав Марина Туцаковиќ, која напиша само еден стих, а тоа е ‘суза је из ока канула’. Нејзе тој стих ѝ донесе над 100.000 евра“ – рече Неда во една прилика, пренесува expresstabloid.
По оваа изјава на Неда се огласи и Марина, копја не го негираше фактот за заработката, но рече дека Неда лаже, затоа што таа во целост ја напишала песната.
Што се однесува до нејзиниот приватен живот, за Марина се знае дека имала мошне тежок живот. Таа повеќе децении беше во брак со композиторот и продуцентот Александар Фута Радуловиќ.
Тие работеа заедно на голем број проекти и музички албуми.
Заедно добија два сина - Милан Радуловиќ – Лаќа, кој студирал режија и кој понекогаш работел на снимање спотови за познати пејачи, а во последниот период тргна по стапките на мајка му и се истакна и како текстописец.
https://www.instagram.com/p/CSLimMUKhzK/?utm_source=ig_web_copy_link
Помладиот син Милош Радуловиќ почина мошне млад, на 24-годишна возраст, во 2008-мата година, a Марина долги години по ова живееше со тешка болка.
За неговата смрт проговори цели 10 години подоцна, во 2018-тата година:
„Влегов во неговата соба и го затекнав тоа што го затекнав. Тогаш Милош имаше 24 години. Беше 1-ви декември. Секогаш стравував дека нешто ќе му се случи. Ќе ви оди детето на екскурзија па се плашите како ќе стигне. Секогаш стравувате за луѓето што ги сакате“ – рече таа.
Инаку, на својот син Милош таа му ја посвети песната „Мишо мој“ која ја отпеа Ана Николиќ.
https://www.youtube.com/watch?v=1v0PseQbANM
Марина, по долга борба со рак на дојката почина во 67-мата година од животот. Последните денови биле особено тешки, затоа што покрај борбата со ракот, Марина морала да се бори и со корона, а велат дека нејзината последна желба била да биде погребана до синот Милош на „Ново гроблје“, а не во Алејата на заслужни граѓани.
Марина за својот живот говореше и во емисијата „Шта сам теби и ко сам себи“ во јуни годинава (2021).
Во продолжение погледнете го видеото од гостувањето во емисијата:
Б. С. Б. | Црнобело